Економија, финансии, бизнис

Контакт

„МОРЕ“ ОД ОГЛАСИ ИМА ВО ГРУПИТЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Што треба да направиме пред да аплицираме?

„МОРЕ“ ОД ОГЛАСИ ИМА ВО ГРУПИТЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Што треба да направиме пред да аплицираме?

Во групите на социјалните мрежи често има огласи за вработување. Станува збор за огласи за работа во земјава, но и во странство. Голем број од нив се нејасни, со делумни информации за тоа што се бара од кандидатите. Често во нив е изоставен и износот на платата. На овие огласи бараат занаетчии, негуватели за стари лица, работни ангажмани на процент и слично. Но, има и огласи во кои е наведено дека „само со неколку клика може добро да се заработи и да се постигне финансиска слобода“. Објавени се и огласи на кои пишува дека е потребно за работата дневно да се одвои по еден час, но не пишува за каков тип на работа станува збор, какви квалификации се потребни и слично. Oд агенциите за посредување при вработување објаснуваат дека секоја понуда за работа треба да се види според објавеното дали е сериозна и луѓето да не наседнуваат.

„Зависи кој бара и што бара. Реално и ние како компанија објавуваме огласи по социјалните мрежи, по групи. Треба да се види кој го објавува огласот. Ние ги објавуваме огласите со името на компанијата, се гледа дека е тоа реална објава. Би требало во огласот сѐ да биде објавено и напишано како што треба, а понатаму останува проценката на самата личност, самиот кандидат дали ќе аплицира“, вели Јулијана Миновска од агенцијата за посредување при вработување Д Хедхантер.

Од друга скопска агенција порачуваат дека граѓаните треба да бидат внимателни и добро да го анализираат огласот пред да аплицираат, затоа што ако огласот е сомнителен, нецелосен, можно е да се работи и за измама. Велат дека е најдобро огласи за работа да се бараат во огласник, на веб сајтови за таа намена.

„Оние огласи што се објавени од физички лица, може да се пуштени на социјалните мрежи од лажни профили и не се релевантни. Физички лица ако објавуваат понуди за работа, тоа не е сигурно, може да се работи за измама. Најубаво е кандидатите за вработување да си бараат огласи директно во огласниците. Често на тие огласи во групи на социјалните мрежи бараат и телефонски броеви, што сепак е личен податок, а друго е кога се праќа кратка биографија во некоја компанија и кога таму се наведени сите информации“, објаснуваат од скопска агенција за посредување при вработување. 

На веб страницата на Агенцијата за вработување невработените можат да ги следат огласите. Вчера на сајтот на Агенцијата за вработување беше објавено дека во земјава има над 9.000 слободни работни места.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести