МОРАВМЕ ДА ГИ НАМАЛИМЕ МАРЖИТЕ НА ТРГОВЦИТЕ, ЌЕ ГИ ВРАТИМЕ ШТОМ ЦЕНИТЕ СЕ СТАБИЛИЗИРААТ – РКЕ за формирањето на цените на дериватите
Новата методологија по која се пресметуваат цените на нафтените деривати, има за цел да ги заштити потрошувачите, но и трговците, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика. Во насока на заштита на потрошувачите е и намалување на маржите на трговците за 33 отсто.
Од РКЕ велат дека оваа недела е најтешкиот период за цените на нафтените деривати, вакво нешто светот одамна не памети.
Поентата на новата методологија е цените на нафтените деривати да се пресметуваат на дневна основа, но тоа ќе важи само доколку цената на одреден дериват на берзите се зголемила или намалила за два денари по литар, а во споротивно, ако промената е помала од два денари, во тој ден нема да се промени цената на тој конкретен нафтен дериват, односно таа ќе остане иста.
Притоа, цените се одредуваат врз основа на просек од берзанските цени од претходните пет дена, плус трошоците за транспортот, трговската маржа и давачките кон државата.
Тоа значи дека се очекува и вечерва Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за згполемување на цените на нафтените деривати.
Вчера регулаторите донесоа одлука да ја намалат маржата на трговците за 33 отсто, односно од 4,5 денари на три денари. Од РКЕ велат дека ова се вонредни услови и трговците мора да бидат солидарни со останатиот дел од граѓанството, односно и тие да понесат дел од товарот на кризната состојба, која е последица на војната која никој не ја очекуваше.
„Штом се создадат услови, ние веднаш ќе ја вратиме маржата, но во овој момент и кај трговците треба да надвладее разумот и да бидат солидарни“, објаснуваат од РКЕ, додавајќи дека тие немаат на располагање друг инструмент за да ги заштитат граѓаните, освен да им ја намалат маржата на трговците.
На прашањето кога ќе се создадат тие услови, од комисијата објаснуваат дека треба или да се нормализираат односно да одат надолу берзанските цени на дериватите, или, пак, да се изгласаат во Собранието соодветните закони за намалување на акцизата, по што треба да се намалат цените на дериватите. Кога тоа ќе се случи, нема прецизна информација, но ветувањето од Владата е дека законите денеска ќе бидат доставени до Парламентот, по што натамошниот тек на постапката ќе зависи од народните избраници.
Од РКЕ укажуваат дека и на МЕПСО и на Електродистрибуција профитот им е намален за дури 90 отсто, додека, пак, на БЕГ, за дури 100 проценти.
Според сознанијата, од сите трговци со деривати во земјава имало жестоки реакции на намалувањето на трговската маржа, но, како што објаснуваат од РКЕ, досега од ниту еден од нив немало најава дека ќе преземат некои порадикални чекори, како што на пример би било одбивање да се точи гориво на нивните бензински пумпи.
На прашањето што доколку такво нешто се случи, од РКЕ со став „Нека се обидат, си има институции кои потоа ќе преземат мерки. Состојбата е сериозна и мора сите така да се однесуваме, да надвладее разумот“, објаснуваат од РКЕ, додавајќи дека комисијата не сака да бидат оштетени трговците, и веднаш штом ќе има можности, ќе им ги врати на старо трговските маржи.
Инаку, од РКЕ објаснуваат дека цените се формираат врз база на просек од петдневни котации на берзите, кои пак, постојано се менуваат, буквално во зависност од секоја изјава од која зависи натамошниот тек на војната.
„Ние земаме претходен петдневен просек за нафта од Плац Медитеран и тоа за секој дериват посебно. Што значи дека при одредувањето на цените нас не ни е основа брент нафтата, таа нема никакво влијание врз одредувањето на цената“, објаснуваат од РКЕ.
Инаку деновиве е најголем растот на дизелот на берзите, а се смета дека причина за тоа е војната односно користењето на дизелот како гориво за тенковите и другата воена опрема, но и поради зголемениот транспорт.
Со оглед што цените се одредуваат на база на петдневен просек, вечерва сигурно нема никакви изгледи да се намали цената, бидејќи во пресметката ќе влезе 9 март, а ќе излезе 2 март како еден од деновите врз база на кои се прави просекот.
„Тоа значи дека и следниве денови ќе се прават соодветните балансирања. А земањето на просекот од 5 дена се прави токму со цел да се заштитат граѓаните од енормите ценовни шокови, буквално да можеме да пегламе. Бидејќи ако се прават пресметките од ден во ден, во вторникот дизелот ќе се зголемеше за 15,5 денари, а ако се земеше како основа котацијата од понеделникот, во средата дизелот требаше да се зголеми за 20 денари“, велат од РКЕ.
Доколку, пак, не се намалела маржата, вчера цената на дизелот требало да се зголеми за 10,5 денари, а на бензинот за 5,5 денари.
Според нив, земјава не може да си дозволи да ги замрзне цаните на дфериватите како други држави, бидејќи ние немаме рафинерија на нафта, но и не произведуваме, поради што сме увозно зависни. Велат дека се покажа дека е добро што сега немаме либерализиран пазар на нафтени деривати, туку имаме регулиран пазар“, објаснуваат од РКЕ.
Она што може да се гледа како зрак на надеж во целата оваа ситуација, е што ќе се пуштат 60 милиони барели нафта од светските резерви, нешто што утрово веќе го направила Јапонија, а и од Обединетите Арапски Емирати има најава дека ќе се зголеми производството на нафта.
„Целиот свет е загрижен и се прават сите напори да се зголеми понудата и да се запре овој ценовен шок, бидејќи сите сакаат да дојде до стабилизација на цените“, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
Нина Нинеска-Фиданоска
