Економија, финансии, бизнис

Контакт

Морален преврат!

Морален преврат!
Политичката криза во земјава директно влијае и на студентите. Тие велат дека расте бројот на оние кои размислуваат да заминат надвор,  но да купат билет во еден правец. Студентскиот пленум  објаснуваат  студентите,  ја прекина соработката со Министерството за образование поради се поарогантниот однос на надлежните кон целиот процес за креирање на ново законско решение за високо образование. Оттука,  според нив  невозможна и нелогична е и понатамошната  соработка со Ректоратот на УКИМ. Стефан Дојчиновски-член  на работната група на Студентскиот пленум која ги водеше преговорите,  вели дека нивното организање како Пленум  се роди како движење и  еден вид морална рефлексија на процесот на непринципиелни и злосторнички реформи кои оваа власт пробува брутално да ги наметне во врзното ткиво на високото образование, со што би го онеспособило интелектуалното јадро и би ја редуцирало неговата способност за носење на автономни ставови. Таквата рефлексија додава Дојчиновски,  нужно се одразува и во целокупниот општествен контекст во кој нашето движење егзистира, а студентот како идентитет се себеспознава во него и не смее да биде резистентен на процесите кои се одвиваат во политичкиот систем. “Доколку направиме ретроспектива на делувањето на Пленумот и неговата комуникација со власта одговорно тврдам дека одлуката на Пленумот да ја прекине соработката со Министерството за образование и наука е оправдана и објективно неспорна. Од самите почетоци Пленумот беше соочен шиканирање, етикетирање и игнорантски однос од страна на надлежните. Преговорите кои следеа по формирањето на “Автономните зони”, навидум искрени од страна на власта, се испоставија само како формален акт и инструмент за маргинализирање на студентското движење, вплеткувајќи ги притоа студентите во бирократска процедура, кое само се потврди во првата фаза од преговорите во работните групи за изготвување на Концептот за новиот Закон за високо образование, а финишираше со притворот и осудителните пресуди за активистите на Студентскиот Пленум”-вели Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум. 1 (4) Во услови кога демократските вредности и процеси се разорени, додава Дојчиновски,  кога нашето општество се соочува со проблемати чни решенија треба да водат кон нормализирање на односите, кога темелите на политичкиот систем на државата се поткопани и граѓаните имаат неоспориво право основано да се сомневаат во легитимитетот на оваа власт, би било хипокризија соработката на Студентскиот Пленум со Министерството за образование и наука да продолжи. “Имено, процесот за изработка на Новиот Закон за високо образование беше димензиониран низ три фази преку кои требаше да се подготви новото законско решение и кои требаа да гарантираат квалитет, транспарентност и инклузивност. Најраната фаза беше предвидена за изработка на Концептот за Новиот Закон за високо образование кој во себе ќе ги содржи фундаменталните вредности односно принципи на кои ќе се темели Законот и кои доследно ќе бидат операционализирани низ законскиот текст. Она што досега го имаме како продукт од овој процес е Предлог Концептот кој го изработи работната група на УКИМ во која партиципираше Студентскиот Пленум преку свои претставници и кој претставува унифициран став на УКИМ во однос вредностите и принципите на кои би требало да се темели секое идното законско решение”-објаснува Стефан Дојчиновски. Одлуката на Студентскиот Пленум  вели е принципиелна, што подразбира прекин на секаква понатамошна соработка со МОН, а тоа пак значи дека е исклучена можноста работната група при УКИМ да се најде во улога на  медиум преку кој би се пласирале ставовите на Студентскиот Пленум. 4 (2) Студентскиот Пленум според она што го практикуваат неговите членови е велат  мегдан во кој се практикуваат и култивираат демократски вредности и процеси  со што го извајале  новиот идентитет на студентот кој партиципира неизбежно во граѓанското ткиво на нашето општество. Мисловната матрица на таквиот студент објаснуваат од Пленумот, ги отфрла како туѓи, ги критикува и  ги напаѓа авторитарните гестови на владејачката гарнитура  чии жртви според нив биле и студентите во изминатиот период, па оттука како што велат студентите нивните  ставови не можат пристојно да се акомодираат во ваквата абнормална стварност. “Во ситуација на шизофрени политички и општествени односи она што се испоставува како императивно барање пред таквиот студент е да ја промени социјалната парадигма и да ја нормализира стварноста. Надежта која провејува е илустрирана во РЕВОЛТОТ врежан во неговиот идентитетски код кој ги става во погон интелектуалните капацитети на патот кон промената. Промена на целокупното функционирање на системот и радикално поинаква егзистанција на граѓанството во политичкиот систем преку повторно воспоставување на демократските вредности и процедури потврдени низ активизмот на секоја индивидуа засегната од  политиките на  власта, себереализирајќи се притоа како вистински граѓанин.  Само на овој начин се можни понатамошни промени, воспостаување на одржливи институции на системот кои ќе имаат капацитет да ја рефлектираат таквата нормална состојба во општеството и ќе ги реализираат своите демократски функции на креирање квалитетни и прогресивни политики”-додава Дојчиновски. 3 (2) Реализирањето на студентскиот револт според него, мора да биде на линија на агресивна конфронтација со секоја владејачка гарнитура која нема капацитет демократски да ја практикува власта. Секој студент како горда индивидуа, сметаат студентите, не смее да се плаши од исходот на таа конфронтација туку мора да биде сигурен во поволноста, со себе носејќи убеденост во своите ревносни ставови како вредност која ја обединува толпата. Таквата мисла како што велат, му соодвестува на разумниот студент кој е свесен за сопственото место во системот и споделува солидарност кон колективот, студент кој е морално одговорен за последиците кои би ги нанел со сопствената апатија “Соочени сме со власт која се себепотврдува во кршењето на Уставот, во погрешната имплементација и селективна примена на Законите, власт која ги има узурпирано и до таа мера корумпирано демократските процедури што самиот чин на нивно реанимирање или повторно воспоставување не гарантира сигурно враќање на правиот колосек. Факт е дека моменталните состојби испраќаат сигнали кон младите луѓе, да размислуваат својата иднина да ја бараат надвор од нашата држава, меѓутоа сум оптимист и верувам дека мојата генерација е спремна да го понесе товарот на оваа борба токму затоа што РЕВОЛТОТ е нешто што неможат да ни го одземат”-нагласува студентот Дојчиновски. Борбата за квалитетно образование,  додава тој  треба да го следи ваквиот тек, бидејќи инсталирањето на елементарните демократски вредности и моралната автономија на индивидуата во  процесот на нејзина реализација во општеството претставуваат “conditio sine qua non”  за успешност на таквиот проект. “Ние сакаме образование кое ќе ни ја презентира вистината како авторитет, а не авторитетите како вистина, професори кои ќе зборуваат со нас , а не на нас. Сакаме едукативен систем кој ќе не  учи на кој начин да размислуваме, а не како да размислуваме , ќе не учи дека е возможна промената и како тоа да го постигнеме. Ваквата наша заложба сметам дека е единствено можна преку повторно враќање на моралната автономија и конструирање на независни субјективни можности за носење на вредносни судови како modus vivendi во новиот граѓански идентитет кој очајнички ни е потребен”- потенцира Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум. Нашето општество според студентите од Пленумот,  има ургентна потреба од морален преврат и враќање на ресантиманот кон поривите на автократизмот, целосно себепотврдување низ општествените односи како граѓанин кој чуствува презир и гадење кон обидите за суспендирање на правата и слободите и себеодржување како таков. С.Б.
Слично

Поврзани вести