Монтирани снимки: Власта со ист став по прашањето за „бомбите“
После денешната прес конференција на која опозицискиот лидер објави нова серија прислушувани разговори од владеачката гарнитура остануваат на истиот став дека Заев продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Република Македонија, со единствена негова цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните.
Денешните наводи на Заев и СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаат за крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни.
„Со ова однесување на Заев, тој не само што го гази имиџот на државата, туку и се обидува да ја вовлече државната компанија на НР Кина, како и останатите институции кои учествуваат во овие проекти, во лоши сценарија“; велат во реакцијата на владеачката партија.
Имено, тие изнесуваат податоци со кои, како што велат, целосно го демантираат прикажаното на прес-конференцијата на Заев.
„Освен досегашните три автопати ќе се гради и четврт автопат. Во април ќе излезе јавен повик за концесионер за автопатот помеѓу Кичево и Гостивар, што би требало да значи дека околу Нова Година ќе почне градбата на новиот автопат кој паралелно ке се гради со другите автопати. Од август-септември пак, ќе започне градбата на нов експресен пат со 4 ленти меѓу Штип и Кочани и проширување во ист таков експресен пат помеѓу Градско и Прилеп, а некаде од Нова Година и Охрид-Пештани. Следната година ќе почне градбата на експресниот пат со 4 ленти од Ранковце до Крива Паланка и бугарска граница, и процедурата за градба на 4 ленти експресен пат од Штип до Радовиш.
Зоран Заев и СДСМ не можат да се помират со фактот што оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализира огромен број проекти во интерес на граѓаните како што впрочем се и автопатските делници кои се градат. СДСМ и Зоран Заев никогаш не изградиле нешто во интерес на граѓаните. Тие својата политика ја базирале, а гледаме дека сеуште ја базираат на манипулации сплеткарења и деструктивно делување спротивно на интересите на граѓаните.
Само нека продолжат така. Граѓаните ја препознаваат нивната политика на манипулации, креирања невистини и монтажи. Нивната ваква политика како и досега, така и во иднина ќе биде казнувана од граѓаните, затоа што тие знаат да препознаат кој работи во нивен интерес, а кој не“, стои во нивната реакција.
