МОН со реакција до ФАКТОР за објавениот ревизорски извештај за студентските домови
Министерството за образование и наука реагира на прилогот кој е објавен дeнеска на нашиот портал, а се однесува на ревизорските извештаи за студентските домови во Република Македонија во изминатите 2 години.
[button color="orange" size="medium" link="http://faktor.mk/2015/03/18/revizorski-izveshtaj-za-studentskite-domovi-haos-vo-podelbata-na-legla-se-spie-vo-kujni-i-ruinirani-sobi/" target="blank" ] РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ![/button]
Имено, од МОН велат дека во прилогот е објавен само еден мал дел од одговорот којшто Министерството за образование и наука го има доставено до Државниот завод за ревизија по однос на изготвените извештаи и дадените препораки од овластениот државен ревизор, така што, цениме дека преку изнесеното не се добива целосна претстава за состојбата во студентските сместувачки капацитети, како од економски, така и од инфраструктурен и технички аспект.
„Со цел правилно запознавање на јавноста со состојбите, би сакале да информираме дека Министерството за образование и наука од 2006 година досега во насока на подобрување на условите во постојните студентски домови, како и за изградба на нови сместувачки капацитети, инвестираше 250 милиони денари.
Да потсетиме дека за прв пат, по неколку децении во 2014 година изградени се нови објекти во состав на студентскиот дом “Стив Наумов“, за што се инвестирани 103 милиони денари.
Во меѓувреме започна и во тек е етапната реконструкција на студентскиот дом “Гоце Делчев“, за што во оваа прва фаза, која опфаќа целосна обнова и опремување на блок Б, ќе бидат инвестирани 76 милиони денари.
По однос на сместувањето, односно начинот на распределба на леглата, би сакале да известиме дека по нотирани сугестии во извештаи од претходни календарски години, во текот на 2013, по цели 14 години Владата на Република Македонија изготви, а Собранието усвои целосно нов Закон за студентски стандард, во насока на обезбедување максимална транспарентност и правичност во распределбата на студентските легла по категории на студенти, со посебен акцент и предност на студентите кои потекнуваат од социјално ранливите семејства.
Расположливите легла во домовите, вклучувајќи ги и оние студентски домови кадешто бројот на легла во периодот од една до друга академска година е зголемен поради инвестирање во санација, односно преадаптација на простории во кои условите претходно не биле на соодветно ниво, се распределени согласно законските и подзаконските акти.
Дополнително, согласно позитивните правни прописи, 20% од леглата се наменети на студенти – бруцоши, како што е наведено и во објавениот прилог. Но, искуствата покажуваат дека во дел од студентските домови, бројот на пријавени бруцоши за добивање легло е помал од предвидената квота за нив, така што, секогаш се примаат онолку колку што и се пријавиле и ги исполниле условите и критериумите за сместување. Бројот на останатите слободни места се пополнува со студенти од погорните студентски години, исто така, согласно законските и подзаконските акти.
Извештаите, односно ранг листите за примените студенти секогаш се објавуваат на интернет страницата на министерството и на огласните табли во студентските домови, така што секој апликант може да погледне како е одлучено по однос на неговата апликација, а со поднесување на приговор во случај на негативен одговор, може да се направи и увид по однос доделените поени согласно критериумите. Забелешката на Државниот завод за ревизија, за додавање на бројот на освоени бодови за секој студент на ранг листата е прифатена од Министерството за образование и наука и истата ќе се применува при изготвувањето на секоја наредна ранг листа по однос на конкурс за прием на студенти во студентските домови. Сепак, тоа не значи дека во претходните години распределбата не леглата се вршела спротивно на законските одредби.
По однос на објавениот податок во прилогот, кој е нотиран и во ревизорски извештај, а се однесува на утврдени разлики во бројот на распределени легла евидентирани во извештаите на комисиите и конечните листи во организационите единици, би сакале да информираме дека вакви разлики се појавуваат речиси секогаш имајќи во предвид дека дел од студентите коишто се примени во домовите и се наоѓале на ранг листите, од било какви причини не го искористиле правото за сместување.
Уверуваме дека Министерството за образование и наука и понатаму останува посветено на студентите и унапредување на студентскиот стандард како еден од приоритетите дефиниран во програмата за работа“, стои во реакцијата на МОН до нашиот медиум.
