МОН ќе ги поврзе стручните училишта и компаниите
Министерството за образование и наука заедно со Светска банка, започнува со реализација на грант програма вредна 700.000 евра, со цел поврзување на средните стручни училишта со малите, средните и големи компании во земјата.
Со ова се очекува подобрување на практичната настава и вештините за полесно вработување на средношколците.
„Преку оваа програма, предвидено е доделување на неповратни финансиски средства за предлог проекти на стручните училишта, во кои како партнер се јавува некоја компанија, а со чија реализација ќе се придонесе за зајакнување на нивната меѓусебна соработка, за унапредување на ученичките стручни компетенции и вештини и за развој на претприемачкиот дух и подготвеност за настап на пазарот на трудот. Оваа програма обезбедува бенефиции првенствено за учениците, но, значајна е и придобивката за компаниите, кои секако, добро подготвените ученици, или учениците во кои гледаат добар потенцијал, би можеле понатаму да ги задржат на одредени работни позиции - рече заменик министерот за образование, Спиро Ристовски.
Тој рече дека ова ќе помогне за модернизација на средното образование, но ќе има бенефит и за економијата и пазарот на труд.
Износот на средства кои можат да се добијат се движи од 5.000 до 20.000 евра по проект. Средните стручни училишта и заинтересираните општествено одговорни компании, можат да воспостават соработка и да аплицираат со проекти до 15 мај.
