Економија, финансии, бизнис

Контакт

МОН: Шест милиони евра за нови студентски домови, а четири години „бришан простор“

МОН: Шест милиони евра за нови студентски домови, а четири години „бришан простор“

Министерството за образование и наука во 2016 ги потпиша договорите за изградба на скопскиот студентски дом „Невена Георгиева-Дуња“ познат како Медицинар и за студентскиот дом во комплексот на Државниот универзитет во Тетово, но до денес ниту двата не се реализирани, констатира државниот ревизор, иако требаше да бидат готови за две години од тогаш.

Првичниот договор за едниот во Скопје со приватниот оператор изнесува 203.432.000 денари, а за другиот во Тетово е постигнат договор од 166.582.000 денари и се уште рокот за изградба се продолжува во меѓувреме со дополнителни анекси.

На местото на бараките во склоп на Клиничкиот центар, Владата требаше да изгради современ објект за сместување на студенти со површина од 1.200 метри квадратни, за што пред повеќе од четири години беа издвоени околу 200 милиони денари.

Државниот ревизор за „Невена Георгиева Дуња“ алармира дека операторот најверојатно ќе бара обештетување. Наместо за две години да се изгради, тој воопшто не е започнат поради необезбедени документи за дозвола за градба. 

„Врз основа на негативниот одговор од Министерството за внатрешни работи, Град Скопје има донесено решение со кое барањето на Министерството за образование и наука за утврдување на режим на сообраќај на дел од крак на ул.2 во Скопје за изградба и приклучок на објект на СД „Невена Георгиева Дуња“ во комплесот Клинички центар го одбива, поради што не е добиено одобрение за градба“, известува ревизорот, кој тукушто го објави извештајот .

Ревизијата која што се извршувала до минатиот месец дополнително констатира дека  негативното мислење на Град Скопје е во противречност со неговото позитивно мислење за архитектонско-урбанистички проект. Министерството за образование не е во можност поради тоа да ги исполни обврските, а според член на договорот, операторот може да побара надомест на штета.

Градот Скопје во март ги урнаа бараките од домот Медицинар, поради потребите на министерството за здравство и ново настанатата состојба со пандемијата на вирусот корона. Објектот беше отстранет со цел да се отвори просторот и да се прилагоди за потребите на министерството за здравство. Се прошири пристапот за возила на брза помош до Клиничкиот центар „Мајка Тереза".

Вториот студентски дом се гради во рамки на Државниот универзитет во Тетово, со што овој град за прв пат треба да добие ваков објект. Инвестицијата за овој студентски дом е околу 166 милиони денари. Според договорот, и овде изградбата требало да заврши за 24 месеци.

Договорот бил склучен со операторот на 22 септември 2016, но како што констатирал државниот ревизор, побарана е дозвола за градба од Министерството за транспорт и врски дури по 15 месеци, а добиена е на 30 март 2018. Рокот на извршување во меѓувреме е продолжен до 20 септември 2020. 

Во меѓувреме операторот се пожалил дека има недостиг на материјали, па бил склучен анекс за дополнителни 11.454.000 денари. Поради пропуст на проектантот, во јули 2020 се склучува договор за непредвидени работи за уште 8.504.000 денари. До изминатото лето изградени се само 35 отсто од предвидените работи.

- Изградбата нема да биде завршена ниту во рокот предвиден со Анексот 1на договорот, односно до 20.09.2020 и истиот повторно ќе се пролонгира, констатира ревизијата, која порачува одговорните лица да сторат се за навремено завршување на градежните работи и да им се одзеде лиценцата на учесниците во изградбата доколку МОН и Владата се сомневаат во нивните способности.

А.К.


Слично

Поврзани вести