Економија, финансии, бизнис

Контакт

Молкот – владиното оружје во недемократското општество

Молкот – владиното оружје во недемократското општество
После долго време,  присуствував на една ретка интелектуална трибина, организирана од граѓанскиот суд Трибунас цивилис, а на која се одважија да дојдат голем број, а и со голема вредност, интелектуалци со своите видувања и искуства, а при тоа да немаат интерес од опкружувањето во кое се наоѓаа и без никакви медиумски помпи и преноси. Таквиот гест од нивна страна алудира на голема почит спрема нас, граѓанството,  не инволвирано во никакви политички и бизнис кругови, а особено на голема загриженост за состојбата во која се наоѓа ова наше денешно општество и агоничните текови на живеење и работење.  Заедничка констатација им беше, молкот, неагилноста и нереагирањето на сите аномалии во изминатите години, од страна на интелектуалните индивидуи, структури и институции. И навистина, зарем треба да го чуеме сето тоа изџвакано од нечија мисла и анализа, за да се запрашаме, зошто тие кои треба да бидат креатори на јавно мислење, општествени текови, систем со вредности и воопшто интелектуално наследство кое ќе им го оставиме на генерациите кои следат, не застанат и се спротивстават на сето тоа што генерира дисторзија на едно општество, демократија, држава и иднина. Каде е целата критичка интелигенција, каде се луѓето кои не’ учеа во нашиот процес на образование дека треба да се залагаме за квалитет на иновации во образованието, струката за која сме се определиле, занаетот кој го практицираме. Каде се нашите толку возвишени и почитувани професори во кои сме гледале надеж и идеали, каде се славните уметници, каде се не доволно вреднуваните и финансиски дотепани умови во бели мантили- докторите, каде се инженерите од кои треба да се извлече максимумот во технички напредок и поедноставување на современата живеачка. А најмногу од сите, каде е целата Македонска интелектуална и професорка фела, збрана во едно високо тело наречено МАНУ. Се прашувам дали тие се спокојни и мирни кога знаат колку оваа наша држава инвестирала во нив, се потпирала на нив како умови, практичари и интелектуалци. Колку ги вреднувала и чувала несебично овие луѓе и колку им овозможувала сфера на работење и творење, да токму во ваков момент кога и се најпотребни, застанат и се борат за неа. Кога системот тоне, кога државата е доведена до најнереспектабилно ниво, тие си тие индивидуи кои треба да ја земат работата во свои раце и треба да се заложат, секој од својот аспект на делување, да ја изнесат вистината на виделина. Не ни’ треба лојалност на структура која дерогира и конспиративно делува, ни’ требаат професионалци, академци, кои ќе се здружат и со полн интегритет и авторитет застанат против оние кои ни ја уништуваат желбата за живот, учење и вложување во оваа држава. Помогнете ни’ да застанеме на нозе, станете и борете се за животот на вашите деца, внуци, ученици, колеги, да живееме достојно, делуваме чесно и при тоа развиваме една веќе уништена грутка, која случајно е нашата родна грутка, нашата и ваша татковина. Треба да ја чувствувате болката на секојдневното нејзино распаѓање, треба солзи да пролеете за сите притворени студенти кое го дигнале својот глас против еден фашистички и непрогресивен систем на владеење. Секојдневно треба да ве стега во градите што не придонесувате со вашите умови и вашата неактивност во борбата да стигне и вашиот глас до институциите и народот. Многу треба за да си ја исчистите вашата совест/ несовест со тоа што МОЛЧИТЕ!!! Ние во вас гледавме спас во вакви кризни состојби, очекувавме ум во безумие, лек во длабоко прогресирачка болест. Каде сте, појавете се, пријавете се и помогнете кога на вашата држава и деца им требате. Не ни требате да ве гледаме само на телевизија кога треба да славите годишнини од постоење или кога треба да подигнувате награди и признанија. Не ни требате кога ќе прославуваме успех после Шарената револуција, па да се натопорите во првите редови како демократијата конечно победила. Не ни требате кога ќе се делат министерски и директорски места, па да се повикувате на вашите знаења и искуства, дека вие сте најоправданите за тие позиции. Не ни требате кога вие ќе ги наследите нашите заслуги, заслугите на студентите, заслугите на постојаните наметнувања и покрај тешкиот медиумски пристап на интелектуалци, како тие кои денес не’ удостоија со нивните заложби и збогатија со нивните знаења и совети. НИ’ ТРЕБАТЕ СЕГА, ОВДЕ И ТУКА! Појавете се, зашто сеуште имате можност да си го обелите образот, да си го повратите авторитетот меѓу маса луѓе, да си ја исчистите совеста и да го спасите, судството, здравството, образованието, Универзитетот. Да си го спасите народот и нашите, но и ваши поколенија! Затоа што  тоа е најмалку што вие можете да сторите за оваа држава, која пак многу сторила за вас. Интелектуалци од сите фели, ОБЕДИНЕТЕТЕ СЕ и вратете ја вербата дека сепак сеуште има идејни дејци кои си ја сакаат татковината, приближно исто како оние за кои во платените политички документарци ги споменувате и зборувате за нивното значење во минатото. Бидете вие со такво значење во сегашноста, а не само бледа копија на зборот ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ на кој лојалноста му најмила,наместо правичноста и вистината! Александра Стојановска Бизевска, Политиколог и граѓански активист
Слично

Поврзани вести