Економија, финансии, бизнис

Контакт

Молкот не помoгна, нови протести на плоштадот Таксим

Молкот не помoгна, нови протести на плоштадот Таксим

Неколку илјади лица  денеска повторно се собраа на нови антивладини протести на плоштадот Таксим во Истанбул.

Демонстрантите, кои го изразуваа своето незадовоство од Владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган, носеа транспаренти „Таксим е насекаде“ и „Солидарност со Таксим“.

Сообраќајот во реонот на Таксим е запрен, но полицајците кои се опремени со водени топови, засега не преземаа мерки за растерување на демонстрантите.

Во изминативе две недели, турската полиција во два наврати ги растера демонстрантите кои беа стационирани на Таксим.

Премиерот Ердоган денеска на митинг на негови приврзаници во градот Самсун обвини дека учесниците на антивладините протести се жртви на подмолен план.

-Кој доби со овие протести што траат три недели? Доби лобито на лихварите, добија непријателите на Турција. А загуби, иако малку, економијата и загубија туристите. Во Турција има слобода како што немало никогаш досега, нагласи Ердоган.

Претходно властите во Истанбул и Анкара ги забранија масовните собири и демонстрации, со мотив за спречување на евентуални судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Токму така се роди алтернативната молчалива форма на протест против власта, која нема како да биде санкционирана.

Илјадници демонстранти од Истанбул, Анкара, Измир, Анталија, Ескишехир и многу други градови во Турција им се приклучија на „стоечките протести“ против Владата.

Тие протестираат против авторитарната влада на премиерот Ердоган, како и против употребата на сила од полицијата во текот на минатите денови. Акцијата на нем протест ја почна еден турски кореограф, кој со часови стоеше немо и неподвижно на плоштадот Таксим, а кого медиумите го нарекоа „Човекот што стои“.

Слично

Поврзани вести