Молчењето и стравот убиваат!?
1-Ви декември-Светски ден за борба против сидата!
Сидата не е непознат термин меѓу македонските граѓани. Но, ретко кога сакаат отворено да зборуваат за овој проблем, кој многумина ги остава затворени во својот животен круг, од страв, дека ако излезат ќе бидат предвреме осудени.
1-ви Декември е светскиот ден за борба против сидата, но не и за борба против луѓето кои веќе ја имаат. Меѓународните и домашните организации, токму на овој ден уште еднаш потсетуваат, дека секој има право на грижа, љубов и внимание, иако судбината на овие лица им одредила и дополнителна тешка животна борба.
Откако Стојан од Прилеп во 1993-тата година, јавно проговори за сидата и за неговата животна судбина, која го остави без своето семејство, многумина почнаа и да размислуваат, дека луѓето како него се исти како останатите, со иста љубов и иста желба за живот, но само со поинаква животна приказна, која ги оставила сами на патот. Од тогаш, велат упатените, се гледа на ХИВ и на СИДА, како на термини кои го заслужуваат целосното внимание, а не како на проблем кој го засега поединецот, се додека е далеку од нас!
200 ХИВ позитивни
Во Македонија до денес има регистрирано нешто под 200 случаи (194) на ХИВ-инфекција вкупно, почнувајќи од 1987 година до денес. Тоа е навистина мала бројка, но за жал не можеме да ја сметаме за реална бидејќи кај нас е премногу мал процентот на луѓе коишто прават ХИВ-тест. Од овие 194 лица, досега се починати околу 70, што значи дека од откриените случаи денес со ХИВ живеат околу 120-вели Андреј Сених- координатор на работната група за подршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија”Заедно посилни”.
Според него, лицата со ХИВ во Македонија многу ретко одлучуваат некому да го откријат својот ХИВ-статус. Понекогаш тоа се однесува и на други лица кои живеат со истиот здравствен проблем. Тоа доаѓа од стравот од стигма, односно од стравот дека информацијата за нивниот ХИВ-статус ќе се прошири и ќе доведе до тоа луѓето да бидат обележани или исклучени од својата работна средина.
“Во Групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ - „Заедно посилни“ во моментот членуваат 18 лица. Се работи речиси исклучиво за лица кои самите живеат со ХИВ. Во неа има Македонци, Албанци и Роми, мажи и жени, лица од 20 и неколку до 62 години. Самите луѓе со ХИВ се многу поотворени кон различностите отколку што тоа е вообичаено кај пошироката популација. За среќа, воспоставување комуникација со „Заедно посилни“ е олеснета благодарение на соработката со Дневниот центар за третман, грижа и поддршка за лицата со ХИВ при Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде што работи искусен социјален работник и се овозможува психо-социјална поддршка. Неретко, новите членови најпрвин воспоставуваат комуникација со еден поискусен член, обучен како советувач, а потоа се охрабруваат се приклучат на Групата и да учествуваат во нашите активности” -вели Андреј Сених –координатор на работната група за подршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија”Заедно посилни”.
Предрасудите околу сидата се сеуште големи!
Предрасудите се многубројни и би рекол, вели Сених – неверојатни, за денешно време. Но се стварност. Од сожалување од страна на здравствени работници, до избегнување од колегите; од навредлив однос во јавни институции до исклучување од семејството. Од тие причини луѓето ретко го споделуваат ХИВ-статусот, но ако тоа се случи, неретко околу нив се преземаат секакви „мерки на заштита“ како проветрување на просторот, дезинфицирање на предметите што ги допреле . Тоа велат од невладината „Заедно посилни” е страшно. Тоа само зборува за исклучително ниско ниво на свеснот и едуцираност, дури и по повеќе од 25 години постојано зборување за тоа како ХИВ се пренесува, а како не се пренесува.
“Бидејќи никој не го споделува ХИВ статусот на работното место, плашејќи се дека може да претрпи последици, ние ретко се соочуваме со ситуации на дискриминација на работното место. Но она што сме го виделе во неколку случаи од поодамна е на пример - навредлив однос, избегнување и обид за прераспределба, па дури и отпуштање или „своеволен“ отказ под принуда. При барањето работа, се разбира, никој не е обврзан да го каже својот ХИВ-статус. Но проблемот е што луѓето со ХИВ понекогаш имаат потреба од почесто отсуство поради болест или едноставно почеста потреба за здравствена контрола. Ако работодавецот не знае за ХИВ-дијагнозата, нормално дека нема да може да има разбирање за таквата ситуација. Меѓународната организација на трудот препорачува дека за луѓето со ХИВ ако е неопходно, треба да се направат разумни прилагодувања на работното место. На тој начин лицето би можело да продолжи да биде продуктивно и да заработува за живот. „Заедно посилни“ работи на едуцирање и зајакнување на луѓето што живеат со ХИВ за да можат самите да се справат со непријатните ситуации во средината, ги информира луѓето за нивните права, а овозможува и бесплатно правно советување, па и помош во изготвување на претставки до надлежните институции. Од друга страна, повремено се организираат специјализирани обука за здравствени работници, за социјални работници, за претставници од работни организации”.
ХИВ е хронична болест која може да се менаџира
Денес ХИВ со право, вели Сених, може да се смета за хронична состојба која се менаџира, и покрај тоа што не може да се излекува. Со помош на антиретровирусната терапија луѓето со ХИВ можат да останат здрави и активни и да имаат долг и квалитетен живот. ХИВ-позитивен маж или жена можат да имаат здрави деца и да не претставуваат ризик еден за друг доколку само едниот партнер е позитивен. За жал, овие информации некако бавно стигнуваат до умот на многумина, па на ХИВ-инфекцијата се уште се гледа како на „страшна и срамна“ болест.
Едукација на младите-да се симнат предрасудите! Во Македонија има обиди да се информираат младите околу ХИВ и СИДА, но не доволно, бидејќи тоа е сериозна тема, но од неа на мнозина им зависи животот. Младите, вели психологот и психотерапевт Мирјана Јовановска -Стојановска, не се доволно свесни за сериозноста на овој проблем, се додека не се соочат со истиот. Сексуалните контакти и промената на партнерите треба да претставуваат причина повеќе за размислување, пред да се влета во комуникација од која ќе им зависи иднината.
“Треба повеќе, дури мислам и поагресивно да се зборува за опасноста од ХИВ и СИДА и начините на заштита. Јас имам некои познати лица, но не сакам да зборувам без нивна дозвола. Можам само да кажам дека, тие се кријат од страв дека ќе бидат осудени и отфрлени, и често сами се повлекуваат. Значи на нашето општество му е потребна поголема и изградена подршка на овие лица и треба да се работи на нејзино подобрување и актуелизирање. Едукацијата помеѓу младите исто така треба сериозно да се земе во предвид. Така сите навремено ќе знаат со што може да се соочат”-вели Јовановска-Стојановска.
Еден ден не е доволно да се посвети потребното внимание и да се зборува за сидата. Но е доволен мотив да се подразмисли како да им се помогне на луѓето со ХИВ/СИДА и да им се олесни животот. Јавната кампања која треба да ги разбуди оние кои со години спијат пред овој проблем, е со цел да влијае на знаењата и ставовите на луѓето од широката јавност. Светскиот ден против СИДА ја има токму таа цел - да ги одбележи светските напори на човештвото во справувањето со овој здравствен и социјален проблем и да ја подигне свесноста за ХИВ - како од аспект на превенција и заштита, така и од аспект на поддршка и прифаќање на луѓето кои живеат со овој вирус.
Црвената лента на солидарноста која ја симболизира крвта, страста и љубовта, само покажува дека лицата кои ја носат се свесни за проблемите поврзани околу ХИВ и СИДА, дека луѓето се солидаризираат со борбата против оваа болест и дека им се оддава почит на оние кои и подлегнале на истата, или сеуште се борат за својот живот.
20 нови заболени
Според последните податоци на Институтот а јавно здравје, годинава во Македонија се регистрирани дваесет нови случаи на заболени од СИДА. Од нив, 12 имаат сида, а осум се ХИВ-позитивни. Најголем број 12, се регистрирани во Скопје, по тројца во Куманово и Радовиш и двајца во Кичево. Еден случај е на возраст до шест години, пет случаи се на возраст од 20 до 25 години, осум случаи од 30 до 39 години, а шест од 40 до 49 години.За таа цел денеска во Собранието на Република Македонија ќе се одржи јавна расправа за грижа и третман на заболените од СИДА. Во светски рамки има намалување на бројот на инфицирани со ХИВ, чиј број изнесува 34,2 милиони, а новооткриени се 2,5 милиони. Од СИДА досега во светот починале 1,7 милиони луѓе. Во извештајот на УНИЦЕФ за децата и СИДА-та се наведува дека бројот на смртни случаи кај децата постари меѓу 10 и 19 години пораснал од 71 илјада во 2005 година на 110 илјади во 2012 година.Минатата година со вирусот ХИВ во светот живееле околу 2,1 милион адолесценти.
С.Б.
Слично
