Моќните банкари сакаат своја криптовалута
По растот на биткоинот кој за момент ја надмина и вредноста од 5000 долари моќните банкарски корпорации не сакаат да стојат мирно настрана и затоа веќе се преземаат иницијативи за создавање на нова криптовалута која ќе биде безбедна за користење и чија вредност ќе биде гарантирана со реални финансиски капацитети.
Затоа банкарските групации на Barclays, Credit Suisse, Canadian Imperial Bank of Commerce, HSBC, MUFG и State Street им се приклучуваат на UBS, BNY Mellon и останати банки за создавање на нова криптовалута која ќе му парира на биткоинот, но ќе има голема поткрепа од финансискиот систем.
„Станува збор за една од најиновативните технологии кои постојат. Почнувајќи со намалувањето на ризикот при трансакциите до подобрување на ефикасноста на капиталот на финансиските пазари, очекуваме низа бенефити од проектот.“, изјавил Ли Бреин од Barclays.
Засега не е познато како ќе се вика новата криптовалута и на кој начин ќе се пушти во платниот промет, но нејзиниот старт најрано се очекува за следната година. Секако, за целосна реализација на проектот ќе биде потребно и одобрување од регулаторните тела.
