МОЌНИ КОМПАНИИ: „Алкалоид“ има пазарна капитализација од 367 милиони евра, а Стопанска банка Скопје 355 милиони - еве кои се другите највредни
Која компанија колку вреди во земјава. Податоците можат да се видат и од билтените на Макледонската Берза за хартии од вредност.
Берзата го објави месечниот билтен за мај, кој генерално покажува сериозен пад на берзанскиот промет за над 31 процент, како и пад на берзанските трансакции за 9,4 проценти, но затоа има пораст на берзанскиот индекс, но се гледа и дека пораснала пазарната капитализација на компаниите на пазарот на капитал, за 4,12 отсто.
Или, како што говорат бројките од Берзата, пазарната капитализација на акциите на компаниите на Берзата тежи 203,3 милијарди денари, или 3,3 милијарди евра.
Како што е познато, пазарната капитализација покажува за која сума секоја компанија би можела да се продаде, доколку во исти момент се продадат сите акции што ги има издадено таа компанија.
А колку е пазарната капитализација на најтргуваните компании, односно оние чии акции се најтргувани на Македонската берза?
Од билтенот на Берзата може да се види дека најголема пазарна капитализација во моментов има „Алкалоид“, нашата најголема и најмоќна фармацевтска компанија.
На крајот на мај годинава „Алкалоид“ има пазарна капитализација од близу 367 милиони евра, односно 22,5 милијарди денари.
Тоа значи дека за толку во еден момент би се продала компанијата, доколку сите акционери решат да ги продадат своите акции.
Веднаш по нашиот фармацевтски гигант, сппред висината на пазарната капитализација счледуваат трите најголеми банки во земјава.
Втора е Стопанска банка Скопје, со пазарна капитализација од нешто помалку од 355 милиони евра, говорат податоците на Берзата.
Следува Комерцијална банка чија пазарна капитализација изнесува близу 322 милиони евра, а зад неа е НЛБ банка, која на крајот на мај годинава имала пазарна капитализација од 297 милиони евра.
Потоа следуваат други моќни компании чии акции се најтргувани на Берзата. Односно, нафтениот дистрибутер „Мсакпетрол“ е петти по ред, односно оваа наша најголема нафтена компанија има пазарна капитализација од над 135 милиони евра.
Следува „Гранит“, нашиот градежен гигант, со пазарна капитализација од 62 милиони евра, а по него е „Македонија турист“, со 34 милиони евра пазарна капитализација.
Во редот на компании со најголема пазарна капитализација има уште две банки. Една од нив е УНИБанка, чија пазарна капитализација изнесува 24 милиони евра, додека, пак, Стопанска банка Битола има пазарна капитализација од 19 милиони евра.
Компанијата „Макстил“ пак, како што покажуваат податоците од Берзата, има пазарна капитализација од 23 милиони евра.
И, останатите компании заедно, имаат вкупна пазарна капитализација од 1,6 милијарди евра.
Инаку, од бројките на Берзата, може да се види дека прометот во мај изнесувал 473 милиони денари, што е намалување за 31,12 отсто.
Бројот на трансакции бил 1.523, што во однос на претрхподниот месец е пад за 9,4 отсто.
Главниот берзански индекс, пак, МБИ 10, достигнал ниво од 5.277,88 поени, што е раст за 4,72 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска
