Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Мода“ е во мода и покрај сите предизвици! Над 700.000 македонски машки кошули донесоа речиси 4 милиони евра од извоз

„Мода“ е во мода и покрај сите предизвици! Над 700.000 македонски машки кошули донесоа речиси 4 милиони евра од извоз

Најголемата македонска конфенција специјализирана за извоз на машки кошули лани успеа да ја зголеми извозната цена на своите конфекциски продукти за 17% и од извоз инкасираше вкупно 4,2 милиони евра. За своите вработени „Мода“ лани издвои 3,65 милиони евра од кои 150.000 евра биле за јубилејни награди и за регрес за годишен одмор

Големата македонска извозно ориентирана конфекција „Мода“ од Свети Николе имаше тешка, но успешна година. И покрај бројните неизвесности заради економската криза во земјите на ЕУ, особено на традиционалниот германски пазар, „Мода“ годината ја заврши со извоз вреден 4,2 милиони евра што е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2023 година, покажуваат податоците од билансот на успех од финансиските извештаи на оваа компанија која е синоним за извоз на машки кошули.

Вкупните приходи од продажба на светиниколска „Мода“ лани изнесуваат 4,5 милиони евра, а од приходите од извоз донеле 4,2 милиони евра. Станува збор пред се за извоз на кошули од кои најголем број завршуваат на германскиот пазар. Затоа што наша „Мода“ има тесна соработка со германската модна индустрија „Каса Мода“, која една од водечките модни компании на европскиот пазар.

Вкупните приходи на „Мода“ за 2024 година изнесувале 4,54 милиони евра. На крај на годината „Мода“ успеала да прокнижи добивка во вредност од 9.200 евра што е неспоредливо подобар резултат од претходната споредбена година во која компанијата завршила со загуба поголема од 308.000 евра.

Според образложението кон билансите на „Мода“ просечната продажна извозна цена на конфекциски артикл на „Мода“ изнесува 5,5 евра. И оваа цена е постигната во услови кога „Мода“ успеала да издејствува зголемување на извозната цена за речиси 17 отсто по извезен конфекциски продукт.

Вредно за истакнување за минатата година е тоа што „Мода“ посветила особено внимание на своите вработени. За трошоци на вработените „Мода“ лани исплатила вкупно 3,65 милиони евра. Тоа е за 29 отсто повеќе од претходната година. Во објаснувањето кон извештајот, кое е многу транспарентно и може да биде пример за многу директори за тоа како треба да срочат и достават известување до берзата за нивните финансиски резултати, пишува дека во првите четири месеци во 2024 година „Мода“ барала работници заради зголемениот обем на работа. Но потоа заради драстичниот пад на нарачките морале да го намалат бројот на вработени.

Но „Мода“ се грижи за своите лојални и вредни вработени. На тие што лани имаа јубилеј 10 години работење во компанијата им беа доделени вкупно 69.000 евра. Дополнително на тоа „Мода“ исплатила регрес за годишен одмор од 80.000 евра.

Н.С.

Слично

Поврзани вести