Мобилен, интернет и ТВ - најисплатливо на една сметка
Во најголем дел од македонските домаќинства се користат интернет, мобилен и фиксен телефон и телевизија во пакет и овој процент на крајот од првото тримесечје од 2018 година бележи раст од 5,4 отсто во споредба со истиот период претходната година.
Според анализата на пазарот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), од вкупно половина милион домаќинства во земјава, во 347.526 од нив се користат услуги врзани во пакет, а најголем дел од претплатниците користат три услуги истовремено и тоа: фиксна телефонија, широкопојасен пристап на интернет и телевизија. Така, на крајот на месец март, најпопуларниот пакет, кој ги вклучува овие три услуги го има во 129.602 домаќинства или 37 отсто од сите пакети.
Оваа година, најголем раст е забележан кај претплатниците користат четири услуги врзани во пакет и тоа: фиксна телефонија, мобилна телефонија, широкопојасен интернет и ТВ услуги. Во периодот јануари- март годинава, се забележани 81.589 вакви корисници и нивниот број е зголемен за 49,7 отсто во споредба со првиот квартал лани. Токму врзувањето на услугата во пакет со мобилни разговори или со кабелска и интернет-телевизија е опцијата што ја користат операторите за да ја одржат во живот фиксната телефонија, која веќе го изгуби чекорот со другите понапредни форми за комуникација.
- Може да се забележи дека од вкупниот број на претплатниците што користат услуги во фиксна телефонија 78,8 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет. Од вкупниот број претплатници што користат широкопојасен пристап на интернет 83 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет, а од вкупниот број на претплатници што користат ТВ-услуги 72 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет - велат во Агенцијата за електронски комуникации.
Поевтината цена на пакетот во споредба со поединечните цени на услугите (74,9 отсто) е главна причина корисниците да земат услуги во пакет, покажува анкетата на АЕК. За повеќе од една третина од испитаниците (36,5 отсто) што не користат услуги во пакет пречка за тоа претставува непотребната услуга, која е вклучена во пакетот, а за 32,8 отсто пречка претставува желбата да не се обврзуваат со еден оператор за да имаат поголема слобода при изборот на услугите. Околу една петтина од испитаниците (21,2 отсто) веруваат дека услугите се поевтини ако ги користат поединечно и од таа причина не користат пакет-услуги.
(М.Б.)
