Економија, финансии, бизнис

Контакт

Многу објавени огласи но, какви се ефектите од проектите за вработување?

Многу објавени огласи но, какви се ефектите од проектите за вработување?

Владата на вчерашната седница ја разгледа и информацијата за прогрес на активностите поврзани со реализација на Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, Проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 години. 

Според сите анализи, овој проект е со мала реализација и Владата ја задолжи Агенцијата за вработување во рок од 40 дена да изготви заклучок и анализа со точни и прецизни податоци, изразени преку бројки, за да се добие јасна слика за досегашната имплементација на овој проект.

Преку Агенцијата за вработување досега се објавени бројни огласи и повици за невработените лица да ги искористат различните мерки со кои можат или да се стекнат со дополнителни вештини преку различни обуки или пак да се обидат да отворат сопствен бизнис со изработка на план и искористување на повратни и неповратни средства по поволни услови. 

- За сите категории се трудиме да креираме соодветни мерки, на пример Македонија вработува во два наврати постигна огромен успех и се вработија околу 30 илјади лица преку различните програми, а голем дел од нив се токму млади. Со останатите мерки кои се спроведуваат во континуитет имаме над 43 илјади вработувања кои се уште се во работен однос од 2006-та до 2016-та, посочи екс директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски во интервју за Фактор во март.

Според последните податоци на Агенцијата со мерката самовработување со грантови за 10 години се отворени 8.730 компании, вработени се речиси 9.000 луѓе, а 70 проценти од нив се во работен однос. 

Со мерката  пракса во позната компанија до нови вработувања во период од 2013 до 2016 година биле опфатени 984 невработени лица, од кои 863 се се уште на работа. Од нив 468 се жени, а 454 млади до 29 години.

Ова се само дел од податоците за постигнатите ефекти, кои инаку додека претходната власт ги спроведуваше мерките често во медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ се изнесуваа бројки со илјадници новоотворени работни места преку проектите „Македонија вработува“ каде улога имаше и Агенцијата за вработувања. Останува да се види дали овие податоци се навистина точни и дали посочените ефекти досега се на задоволително ниво и што може да се подобри. 

Во изминатиот период од Агенцијата за вработувања често посочуваа дека имаат проблем со немотивирани невработени лица кои не се пријавуваат на огласите и не доаѓаат да се евидентираат. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести