Економија, финансии, бизнис

Контакт

Многу луѓе се жалат дека златото им е скапо, но колку трошат оние кои бираат парчиња со драгоцени камења?

Многу луѓе се жалат дека златото им е скапо, но колку трошат оние кои бираат парчиња со драгоцени камења?

Иако граѓаните често се жалат дека златото е скапо, сепак дел од населението кое е со поголема куповна моќ, нема проблем да одвои и неколку илјади евра за накит. Некои луѓе можат да си овозможат да купат накит со драгоцени камења. Од златарниците велат дека поскап накит бираат и нашинците кои работат во странство.

„Има луѓе што трошат и по 3.000 или 3.500 евра за златен накит, зборуваме за квалитетен накит, рачноизработен со драгоцени камења. Ја трошат таа сума за едно или две парчиња накит. Ако накитот е со сафири, смарагди, рубини, цената е повисока. Добро е што клиентите се информирани, знаат што бараат, знаат што сакаат. Имаме клиенти од соседните земји, од Бугарија, од Грција, доаѓаат во посета на градот и тука купуваат и накит. Сега не е како порано, накит не се купува кампањски, туку купува кој кога сака, кога ќе собере одредена сума пари.  Веренички прстен купуваат и за 1.700 евра, затоа што тој момент мора да се памети“, вели Стојан Лазаров, сопственик на златарницата Голдмак од Струмица.

Тој додава дека дел од населението ги следи сите трендови во однос на накитот, што е ново и актуелно. Вели дека треба да се промени законската легислатива, за секој купен производ да се добива сертификат, сметка, да има сигурност за купувачите и да се определи кои се производители, а кои се трговци, кој работи на големо, а кој на мало. Потребен е и поголем пазар, отворени граници и меѓународна соработка.

„Има такви клиенти кои се спремни да потрошат повеќе пари, и обично се тоа иселениците. Еден прстен со дијамант може да чини 1.500 евра, купуваат и скапи нараквици“, додаваат од струшка златарница.

Од златарница во Гевгелија додаваат дека во Скопје  луѓето имаат поголема куповна моќ, а во Гевгелија ретко се случува некој да потроши поголема сума за уникатно парче накит.

„Мал број муштерии даваат над 1.000 евра за да купат поскап накит, обично е тоа за свадба“, велат од гевгелиска златарница.

Од златарница во Кавадарци рекоа дека во Македонија има муштерии со различна куповна моќ, односно има купувачи и за евтините и за најскапите парчиња.

„На Западот се популарни драгоцените камења, а кај нас златото најчесто го купуваат по потреба или со цел парите да ги заштедат во злато, односно го гледаат како инвестиција. Дел од населението сепак може да си дозволи нешто поскапо. Она што чини  8.000  или 9.000 денари по грам е веќе поскапо и секој не може да си го дозволи, нешто поуникатно, поспецифично. Сепак, дел од населението може да си дозволи луксуз и цената не им е битна“, велат од златарница во Битола.

Инаку, изминатиов период цените на златото, но и на среброто трпеа чести промени поради геополитичките случувања. Аналитичарите очекуваат дека ќе следи намалување на цената на среброто. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести