Многу фирми не ги подмириле даночните обврски - УЈП најави казни
Oд Управата за јавни приходи(УЈП) соопштуваат дека заклучно со 27 октомври 2025 година, истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночните обврски за третиот квартал од 2025 година.
Од УЈП информираат дека дел од даночните обврзници сè уште не ги исполниле своите обврски, и покрај повеќекратните потсетувања и известувања од институцијата.
„Според нашата евиденција, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг“, велат од УЈП.
Додаваат дека редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, и потсетуваат дека системот функционира само кога сите учесници постапуваат навремено.
„До сите даночни обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг, веќе се доставени персонализирани известувања. Во тек се активности со сметководителите и обврзниците за навремено подмирување на долговите и избегнување на блокади на сметки“, појаснија од институцијата.
Од УЈП нагласуваат дека за секој ден на задоцнување се пресметува камата од 0,03 отсто од преостанатиот долг, а постои и можност за изрекување дополнителни глоби.
„Важно е да се почитуваат роковите, бидејќи по доставата на опомените ќе следи постапка за присилна наплата кај сите што нема да го платат долгот доброволно“, потенцираат од Управата.
Институцијата апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, за да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици.
За дополнителни информации, граѓаните и фирмите можат да се обратат преку е-пошта на info@ujp.gov.mk или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен).
