ММФ ВЕРОЈАТНО СЛАВИ И НАЗДРАВУВА-ЌЕ ИМА МНОГУ РАБОТА: Економистот Катиќ за претстојното сценарио во кое е вклучен и Путин
Економистот
Небојша Катиќ, кој 20 години живее и работи во Лондон вели дека ММФ веројатно
слави и наздравува бидејќи ќе има многу работа. Во еден од неговите авторски
текстви наведува дека западните економии се на работ на рецесија и дека тоа
треба да биде загрижувачка вест...освен, како што вели, за најмоќниот западен
бизнис, па дури и за некои политички структури.
„Со среќа, доколку правилно се средат економските и геополитичките карти, умерена рецесија ќе помогне да се постигнат нивните цели, кои не е баш мудро јавно да се декларираат. Од перспектива на интересите на големиот капитал, високата инфлација не е клучен проблем, колку и да е во центарот на медиумското внимание и колку и да го загрозува голото постоење на огромен број луѓе. Господарите на универзумот најмногу се загрижени за развојот на пазарот на трудот, каде што за прв пат по многу децении, побарувачката за работна сила е поголема од понудата. Оваа нерамнотежа доведува до непријатен притисок за зголемување на платите на вработените. Работниците, сосема директно почнаа да бараат повеќе, па и подобро платени работни места. Како продуктивноста во западните економии долго време стагнира или расте бавно, како растот на трошоците не може целосно да се пренесе на цените, така растот на платите се заканува да го наруши профитот. А загрозувањето на профитот е сосема непопуларно - барем така е во последните неколку векови, откако капитализмот е на сцена“, вели Катиќ во авторскиот текст за „Политика“.
Состојбата со платите денес донекаде потсетува на седумдесеттите години од минатиот век, посочува тој, кога реалните примања на работниците беа на врвот и кога улогата на синдикатите беше многу важна.
Тој тврди дека растот на каматните стапки на доларот турна огромен број земји од третиот свет во должничка криза и ги лиши од најмалку една деценија раст и развој, одземајќи им го нивниот економски суверенитет, кој беше префрлен во ММФ.
„Ако им се верува на креаторите на американската економска политика - јас не би - тие целосно го пропуштиле фактот дека таквата монетарна политика би предизвикала огромна штета на земјите од третиот свет. Доколку ова кратко потсетување е фактички точно, би се очекувало нешто слично да се случи повторно денес. Механизмот би можел да работи со постојано вештачко стимулирање на растот на цените на енергијата и храната и обвинувајќи го за инфлацијата злобниот Путин. Неопходниот умерен раст на каматните стапки во првата фаза непотребно ќе се одложува за дополнително да се стимулира инфлацијата, за потоа растот на каматните стапки нагло да се забрза, бидејќи, ете, инфлацијата излезе од контрола. Иако претходните реченици беа напишани во кондиционали, тоа е сценарио кое веќе во голема мера се реализира“, напиша тој.
Според него, важно е инфлацијата да се контролира исклучиво од монетарната политика, а фискалната политика никогаш да не се користи за нејзино сузбивање.
„Особено е важно да не се зголемуваат даноците на корпоративните профити или даноците на побогатите слоеви на општеството, иако тие имаат и антиинфлаторен ефект. Зголемувањето на каматните стапки ќе биде сосема доволно за да се реши проблемот - тоа ќе предизвика рецесија и зголемување на невработеноста заедно со реален пад на платите, што ќе ги намали и трошоците за производство и побарувачка и со тоа да се стави инфлацијата под контрола. Работниците без работа ќе престанат да фантазираат за подобри плати и повторно ќе прифатат се за да преживеат. На крајот од тој пат е враќањето на идиличната состојба која владееше во последните децении. (Патем, денес рецесијата е уште поважно средство за притисок врз растот на платите отколку порано - процесите на деглобализација веќе започнаа и заканата од преместување на индустријата на исток повеќе нема да го има истиот потенцијал за уценување.) Што се однесува до земјите во развој, тие веќе страдаат и повеќе од 40 земји се на работ на банкрот и на патот по кој веќе се Шри Ланка, Замбија или Аргентина, на пример, на пример. ММФ веројатно слави и наздравува - ќе има многу работа. А можеби сето тоа се само темни соништа на теоретичарите на заговор?“, заклучува Катиќ.
