ММФ ни ја зголеми прогнозата за раст, во Вашингтон отпатуваа министерката и гувернерката
Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми прогнозата за економски раст на земјава на 3,2 проценти за оваа година, во споредба со претходно очекуваните три проценти во април. Тоа е наведено во најновиот изештај на ММФ за Македонија, каде фондот, пак, за наредната година ни предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година се очекува економијата да оди нагоре до 3,5 проценти.
Со очекуваниот раст од 3,2 отсто за годинава ние сме практично после Косово, каде растот ќе оди до 4,2 отсто, но и по Србија, со планиран раст од 3,5 проценти. Позади нас, пак, по очекуваниот раст се Црна Гора, Албанија и Хрватска, со раст од по три проценти.
А она што е загрижувачко за светската економија е дека прогнозата за раст е намалена за 0,2 процентни поени, или практично годинава таа се очекува да расте со три проценти.
А во Вашингтон, каде што се одржуваат Годишните средби на ММФ и на Светска банка, заминаа и министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска.
Како што соопштија и од Финансии и од Народна банка, предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на СБ, ММФ, Европската инвестициска банка, Меѓународната финансиска корпорација, како и претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
„Во рамки на средбите закажани се состаноци со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со потпретседателката на ИФЦ Георгина Бејкер, потпретседателот на ЕИБ Ендру МекДауел, со директорката на СБ за Западен Балкан Линда Ван Гелдер, со извршниот директор на Групацијата на СБ за Конституенцата во која е Р. Северна Македонија Кун Давидсе, со извршниот директор на ММФ за Европа Пол Томсен, извршниот директор на ММФ за Конституенцата во која е земјава Антони Деланој, со шефицата на Канцеларијата на ММФ за Западен Балкан Стефани Ебле и шефицата на мисијата на ММФ за земјава Берглјот Бјорсон Баркбу“, велат од Министерството за финансии.
Во фокусот на разговорите, нагласуваат, ќе бидат тековната и идната соработка на земјава со овие меѓународни финансиски институции.
На Годишните средби на ММФ и СБ кои се одржуваат секоја година, учествуваат министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и со теми како што се намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.
