ММФ не сака ни да зборува за бришење на грчкиот долг
Генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард вели дека воопшто и не може да стане збор за бришење на грчкиот долг и дека за ММФ приоритет е дијалог со новите грчки власти за програмата за структурни реформи.
„Не може да стане збор за отпишување на грчкиот долг, зашто тоа е прашање на еднаквост меѓу земјите на Европската унија. Постојат интерни правила која членките на евро зоната треба да ги исполнуваат. Не можеме да правиме посебни категории за некоја конкретна држава“, вели Кристин Лагард во интервју за парискиот весник „Монд“.
Во рамките на вториот план за меѓународна помош, остануваат уште 3,6 милијарди евра кои треба да ѝ се исплатат на Грција, под услов земјата да ги спроведе структурните реформи како што бараат ММФ, Европската комисија и Европската централна банка.
„Тоа значи реформи во државната администрација, даночниот систем, како и скратување на судските постапки. Тоа не се мерки за штедење, туку суштински реформи кои ѝ се потребни на Грција“, дообјаснува Лагард.
Слично
