ММФ ги намалува прогнозите за раст на светската економија
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе ги намали своите прогнози за глобалниот економски раст до 3,3% оваа година и 3,6% во 2013 година. Според претходните проценки на Фондот, светската економија требаше да расте за 3,4% во текот на оваа и 3,9% следната година , пишува германскиот весник Ханделсблат.
ММФ очекува економијата на еврозоната да се намали за 0,4% оваа година, а следната да се зголеми за 0,2%, додава весникот, повикувајќи се на последниот извештај на Фондот, кој треба да биде објавен и официјално следната недела.
Прогнозата за растот во Кина во 2013 година исто така ќе биде намалена, односно 8,2% наместо досегашните очекувања за раст од 8,4%. Индија пак ќе забележи раст до 6% во споредба со претходната прогноза од 6,6%, а Бразил 4% во споредба со 4,7% како што се најавуваше претходно.
"Континуираното забавување на глобалниот економски раст оваа и следната година е придружено со значително зголемување на неповолните ризици", се наведува во нацрт извештајот на ММФ. Глобалната перспектива за раст ќе зависи од тоа дали се преземени решителни политички мерки за стабилизација на довербата во еврозоната и САД, пишува во документот, цитиран од весникот.
Слично
