ММФ алармантно: Пензискиот фонд може да крахира!
Политичката криза беше шок за економијата, јавниот долг расте, се зголемува дефицитот на државниот пензиски фонд, ова се дел од оценките на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд после посетата на Македонија.
Една од клучните забелешки се однесува на одржливоста на пензискиот фонд. Монетарците укажуваат дека дефицитот на државниот пензиски фонд е значително голем и доколку не се преземат реформи во иднина ќе се зголеми за два пати.Како причини за влошената состојна на пензискиот фонд се посочуваат големите поволности како што се на пример, ниските стапки за придонеси, но и стареењето на населението и намалувањето на работоспособното население. ММФ порепорачува да се преземат итни реформи за долгорочна одржливост на фондот.
„На 4,5 проценти од БДП, дефицитот на пензискиот фонд на Република Македонија е прилично голем. Властите да ги разгледаат следниве опции: зголемување на законската возраст за пензионирање, ревидирање на растот на пензиите со трошоците на живот во согласност со земјите од ЕУ, реформи за зголемување на учеството на работна сила особено на жените, разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси.Без реформи и сонамалување на работоспосбното население пензискиот дефицит се проектира двојно повеќе да се зголеми до 2030 година“, се посочува во извештајот.
Деновиве слични предупредувања за пензискиот фонд упати и Светска банка. Оттаму укажаа дека е доведена во прашање одржливоста на фондот и дека тој е се позависен од буџетките трансфери. Како причина беа посочени ново креираните работни места со субвенции од држвата, кои практично значат помалку приходи во фондовската каса.
Се намалува невработеноста, но недоволно
ММФ наведува дека невработеноста се намалува но сепак и натаму е на високо ниво.
„Стапката на невработеност од 24 проценти останува многу висока како одраз на недостатокот на вештини кои произлегуваат од емиграцијата на квалификувана работна сила и општо ниското ниво на образование. Стапката на учество на работната сила сепак е намалена во последниве години, особено во поглед на младите работници. Со намалувањето на учеството на работната сила во растот и стареењето на населението, ниските стапки на учество се препрека за долгорочните перспективи“, посочуваат монетарците.
При тоа се препорачува понатамошните напори да бидат насочени кон подобрување на техничките вештини и зголемување на учеството на работната сила.
„Политиките за поддршка на обуки на работното место и стручното образование вродуваат со плод и треба да продолжат, но секако имајќи ги во предвид и фискалните трошоци. Зголемувањето на учеството на работната сила, особено на младите како и на женската работна сила, ќе помогне за подобрување на потенцијалниот раст“, стои во извештајот.
Итна фискална консолидација за намалување на јавниот долг
ММФ укажува дека фискалната консолидација треба да започне без одлагање.При тоа со оглед на постоењето на техничка влада и краткото време до крајот на годината, се препорачува мала консолидација на 0,4 проценти од БДП, која ќе биде во насока на кратење на трошоците за стоки и услуги како и наплата на заостанатите долгови по основ на ДДВ.
Според ММФ тоа би довело вкупниот дефицит за годинава да биде на ниво од 3,6 проценти од БДП.
„За 2017 и 2018 година, под претпоставка за одржување на декемвриските парламентарни избори после кое ќе следи период на стабилизирање, мисијата препорачува намалување на севкупниот фискален дефицит до ниво од 2,5 проценти односно 2 проценти од БДП, соодветно, со цел за стабилизирање на јавниот долг под нивото од 50 отсто од БДП“, стои во извештајот.
Според ММФ брзиот пораст на јавниот долг се должи најмногу на зголемувањето на примарните дефицити поради комбинацијата од ниски даночни стапки и ниската ефикасност на наплатата на приходната страна, и неефикасноста на социјалната потрошувачка, трансферите и субвенциите на страната на трошоците. За годинава мисијата предвидува продлабочување на дефицитот на 4 отсто од БДП.
„На среден рок, доколку не се преземат соодветни мерки, севкупниот фискален дефицит се проектира да остане на ниво од околу 3,5 проценти при што јавниот долг би достигнал 55 отсто од БДП. Во меѓувреме, високите потреби за фискално финансирање, зголемувањето на трошоците за позајмување и последното намалување на рејтингот на државата од страна на Агенцијата Фич ги зголеми фискалните ризици во блиска иднина“, укажува ММФ.
Банкарскиот сектор останува стабилен
ММФ оценува дека банкарскиот систем е стабилен.При тоа се посочува дека банките се добро капитализирани, а стапката на нефункционалните кредити е намалена на 7 отсто во јули како одраз на последната мерка за отпишување на нефункционалните кредити. Во однос на странските директни инвестции (СДИ), монетарците дека иако СДИ влијаат врз отворање на нови работни места и зголемувања на извозот, сепак се сметаат за скромни како одраз на недостигот од квалификувана работна сила и неможноста на домашните производители да ги исполнат техничките и безбедносни барања.
Дополнително во извештајот се порачува да се решат слабостите во судството и управувањето, со целл да се зајакне улогата на приватниот сектор во економијата. Како проблеми кои го оптоваруваат домашниот приватен сектор се посочуваат честите законски измени, нееднаквата примена на законите и тешкото спроведување на договорите.
Според прогнозите на ММФ годината ќе заврши со економски раст од 2,2 отсто, поради шоковите кои економијата ги претрпе поради пролонгираната политичка криза. Постепено закрепнување на економијата се очекува во следните две години. Сепак се предупредува дека иако е добредојден договорот помеѓу политичките партии за одржување на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември, сепак неизвесноста останува и натаму. Во услови на нерешена политичка ситуација и послаб економски раст, ММФ порачува да се преземат итни мерки за подобрување на потенцијалот на економијата преку реформи на пазарот на работна сила и управувањето, носење на мерки во однос на приходите и расходите со цел да се изгради простор за фискалната политика и да се овозможи јавниот долг да остане под 50 отсто од БДП и одржување на стабилноста на монетарниот и на финансискиот сектор.
Инаку деновиве со слични критики и препораки во однос на пензискиот фонд и јавниот долг излезе и Светска банка.
Т.С
