Младите жени се потешко до работа?!
Новиот владин предлог за регулирање на исплатата на надоместокот за породилно отсуство од страна на фирмите, кои подоцна ќе ги рефундираат тие средства преку ФЗОМ, остава простор за широка дискусија околу неговата оправданост - велат дел од женските организации. Тие се се погласни дека доколку овие нови законски решенија стапат на сила, ќе удрат директно на штета на младите жени кои и онака потешко можат да стигнат до работно место. За сметка на тоа велат организациите, жените во втор план ќе го стават бракот и семејството.
Усвојувањето на оваа мерка според дел од граѓанските организации и активистите за родова еднаквост, би ги навело работодавачите во иднина да се одлучат за наједноставно и најлесно решение за нив-да не вработуваат жени и изборот да го сведат на мажи.
Според Ресурсниот центар за самохрани родители “МИНУС И ПЛУС” оваа евентуална законска мерка мора да се глед и од аспект на самохраното родителство бидејќи ситуацијата во таков случај ќе стане уште посериозна. Од таму прашуваат што би се случило ако самохрана мајка остане невработена поради несензитивноста на работодавецот за нејзините зголемени обврски?!
“Од една страна, може да се постави прашањето, дали постапката за рефундирање на средствата на работодавачот, ќе се обремени дополнително? Ако досегашната пракса покажува дека исплатата за породилното отсуство доцни 2 до 3 месеци, која е веројатноста дека ова нема да биде случај и во постапката на повраток на средствата. И, ако е веројатноста мала, тогаш која е оправданоста за сегашното доцнење? Истовремено, во периодот на плаќање на породилното отсуство на една работничка, работодавецот треба да плаќа и друг работник (на определено време, до враќање на работничката), со што се изложува на дополнителни трошоци за едно работно место”-вели д-р Биљана Страмшак Ѓуровска, претседател на Ресурсниот центар за самохрани родители “МИНУС И ПЛУС”.
Таа додава дека од друга страна, неминовно се наметнува и прашањето за еднаквите можности на жените за влез и учество на пазарот на трудот, и нивна недискриминација. Оваа мерка вели, може да ги ограничи жените да се вработат или да ги остварат правата од работниот однос. Безбедна е додава, претпоставката дека работодавачите од приватниот сектор можат да се одлучат да вработуваат повеќе мажи, што ќе резултира со зголемување на бројот на невработени млади жени во репродуктивниот период. Тоа според неа, дополнително ја зајакнува родовата дискриминација на пазарот на трудот.
Жените “нееднакви” играчи на пазарот на труд!
Најавениот проект на ФЗО, преку кој исплатата на боледувањата и породилните надоместоци кои се на товар на државата ќе се исплаќаат преку фирмите предизвикува длабока загриженост и кај Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување “Хера”, од каде особено се загрижени во делот на вклучување на породилните надоместоци во оваа категорија.
“Сметаме дека со оваа мерка дополнително ќе се влоши и така нееднаквата положба на жените на македонскиот пазар на труд и дека директно ќе влијае врз намалување на пристапот на жените до заработувачка и работни места, ќе го ограничи пристапот до правото на бременост и мајчинство, ќе ја зголеми дискриминацијата на жените при вработување, ќе ја зголеми несигурноста на работните места за жените, ќе ја зголеми неактивноста на жените и ќе доведе до нивно дополнително исклучување од пазарот на труд што пак ќе доведе до зголемување на сиромаштијата на жените и нивната економска зависност. Ова се само дел од директните ефекти кои ќе произлезат од предложениот проект кој во суштина претставува посебна мерка за зголемување на нееднаквоста, спротивно на Законот за еднакви можности и сигурно ќе ја зголеми родовата нееднаквост во Македонија-вели Кристина Плечиќ Бекјарова-програмски координатор во Хера.
Според неа, спротивно на известувањата од ФЗОМ дека ваквата мерка се предлага да важи само за големите фирми со многу вработувања, информацијата од Фондот укажува дека размислите се во насока мерката да важи за сите компании, што укажува дека и малите и микро претпријатија ќе бидат опфатени со мерката доколку таа се усвои.
Загриженост околу идејата за новата законска мерка со која Владата плананира да го промени сегашниот начин на исплата на породилниот надоместок изразуваат и од Женската граѓанска иницијатива “АНТИКО”.
“Ние сметаме дека оваа мерка ќе ја влоши и така нееднаквата положба и постоечкиот јаз помеѓу жените и мажите во пазарот на трудот, и ќе создаде можност за дополнителна дискриминација на жените во ова поле.Под знак на прашање е колку фирмите ќе сакаат да вработаат млади жени кои планираат да имаат деца. По наше милење ова одлука е штетна и во спротивност со прокламираните мерки на Владата за многудетни семејства, а и со препораките од Конвенцијата за заштита на мајчинството и Препораката за заштита на мајчинството”-велат од Антико.
Тие се дел од Платформата за родова еднаквост и заедно со останатите организации- членки кои работат на родовата еднаквост деновиве ќе излезат со заеднички став и своја анализа за ова многу важно прашање кое според нив ги засега жените , но и целокупното општество.
Според Драгица Милошевска –претседателка на здружението “Женска акција”, сосема е погрешен пристапот боледувањето да биде на товар на работодавачите .Ова според неа, сосема ќе ги поремети политиките на Владата за поголем наталитет во Македонија од една страна и интересите на фирмите од друга страна.
“Тие на секаков можен начин ќе се трудат да избегнат вработување на млада жена, претпоставувам тие ќе бидат отпуштени веднаш откако ќе стапат во брак или ќе им се направи притисок самите дадат отказ. Мислам дека ќе направат се да не се стават во ситуација да побаруваат средства од државата. Ќе се создаде клима во која жената ќе се почувствува загрозена и несигурна поради својата економска нестабилност и независност, а тоа ќе резултира со нејзиното воздржување од брак или формирање на семејство. Многу далеку отидовме во еманципацијата и образованието на жената, што значи дека нашата жена нема да прифати ваков третман и пристап кон неа”-вели Милошевска.
Од Мрежата за заштита од дискриминација бараат ФЗОМ да го повлече овој предлог и да превземе мерки преку кои на жените ќе им го обезбеди правото на надомест поради бременост и раѓање од страна на државата, без досегашните доцнења.
“Во Република Македонија најголем број од невработени жени се на возраст од 25 – 34 години, односно во репродуктивниот период. Разлики помеѓу жените и мажите постојат и во однос на регулираниот работен однос, односно бројот на формално вработени мажи е поголем од бројот на формално вработени жени, а учеството на вработени жени во приватниот сектор е помал во однос на мажите. Доколку ФЗОМ истакнува дека го исплаќа надоместокот за породилно отсуство со задоцнување од два - три месеца, тогаш зошто работодавачите би верувале дека Фондот навремено нив ќе им го рефундира платениот надоместок? За рефундирање на вака платените средства, работодавачот ќе треба да поднесе и барање за рефундирање што само по себе ќе подразбира обременување на постапката за поврат на средства на работодавачот.Ние укажуваме на бројните неофицијални докази кои упатуваат кон тоа дека директната дискриминација е распространета, особено во приватниот сектор, во форма на присилување на жените да потпишуваат договори според кои нема да раѓаат за одреден временски период, поставување на лични прашања за семејството за време на интервјуата за работа, како и откази по завршувањето на породилното отсуство”-вели Несиме Салиоска од невладината Рома С.О.С –членка на Мрежата за заштита од дискриминација.
Според нив, вака предложеното решение не само што нема да овозможи еднаков третман и навремено исплаќање на надоместокот за породилно отсуство, туку ќе ја подржи негативна пракса на невработување млади жени во репродуктивен период. Дополнително велат, дека во Законот за работни односи нема посебна заштита за бремените жени вработени на определено време, а ваквата мерка ќе придонесе кон непродолжување на договорите за вработување на бремените жени склучени на определено време. Дополнително, додаваат, дискриминација врз младите и бремените жени ќе придонесе кон отежнат пристап до работа и слабеење на и онака слабата економска сигурност на жените во Македонија.
Од Мрежата за заштита од дискриминација очекуваат по ова прашање да добијат подршка и од синдикатите и работодавачите кои според нив не треба да дозволат таква промена.
СОЖМ: Продлабочен родов јаз и полова дискриминација
Според Савка Тодоровска претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, новиот начин на исплата на породилното боледување ќе доведе до зголемување на половата дискриминација. Раководствата на компаниите според неа, двапати ќе размислат пред да вработат жена во нивната компанија.
"Новите законски измени со кои породилното отсуство би го го исплаќале фирмите, а потоа истите ќе треба да се раздолжат со Фондот за здравство, со сигурносте ќе го зголеми стравувањето дека работодавачите ќе избегнуваат да вработуваат млади жени. Ова прави удар врз вработувањето на младите жени во Македонија како и намалување на можностите за нивно економско осамостојување. Дополнително оваа мерка ќе ја зголеми половата дискриминација при вработувањето на жените, а истата се коси со основното човеково право на недискриминација по која било основа. Таа не смееме да дозволиме да се случува во македонското општество.Ние како организација и активистки за заштита на правата на жените сакаме но и мораме да предупредиме на оваа состојба, која всушност ја загрозува и влошува положбата на жените во Македонија"- вели Савка Тодоровска, претседател на Националниот совет за родова рамноправност.
Проектот „ Побрза исплата на породилни надоместоци и боледувања“ од ФЗОМ го правдаат како еден од проектите кој треба да се спроведе на барање на осигурениците. Според нив, додека се на боледување работничките можат надоместокот на плата да го земат во исто време со платата на останатите вработени во фирмата. Од таму велат дека досега имале состаноци со Стопанските комори и со Организацијата на работодавачи пред кои го презентирале проектот и истиот нема да биде на штета ниту на работодавачите, а уште помалку на осигурениците, туку истиот се прави со единствена цел побрзо да се вршат исплатите на породилните надоместоци и барања. Моментално проектот се наоѓа во владина процедура и истиот содржи повеќе предлог варијанти за негова реализација. Овој проект ФЗОМ допрва треба да го предложи на Владата, а ако биде прифатен ќе почне да се применува од 2016 -та година.
Слично
