Младите вадат билет во еден правец бидејќи работодавачот ги крши нивните права
Младите молчат зошто сите други молчат. Вака најкратко и најсликовито би се одговорило на прашањето зошто младите сметаат дека нивните работнички права се само на хартија и се плашат да пријават кршење на нивните права.
Ова тврдење е поткрепено со 75% од анкетирани млади кои сметаат дека нивните права се само на хартија. Истражувањето на кампањата „365 работнички права за младите“ на Коалицијата СЕГА покажа дека 60% од младите се недоволно информирани за своите права, додека 57% од нив се плашат да пријават било какво прекршување.
Извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА Зоран Илиевски вели дека секојдневно се кршат правата на работниците посебно на младите и укажува на итност од системски промени кои ќе гарантираат практична примена на законската регулатива за поголема заштита на работничките права.
Околу 10% од вработените во Македонија работат само со устен договор или без никаков конкретен договор, додека 25% од невработените се подготвени да работат без договор.
Истражувањето, како што кажа Илиевски покажало дека младите се плашат да пријават било какво прекршување на Законот, а 64 проценти се подготвени да потпишат бланко отказно решение.
Да се стави крај на кршењето права на младите, за да останат во државата
Право на плата-заработувачка, нередовно исплаќање на прекувремена работа, неплатени придонеси, дискриминација при вработување, работа под закани и притисоци, непочитување на правото на пензиско и здравствено осигурување, непочитување на правото на годишен одмор и правото на синдикално здружување се само дел од правата на младите работници кои најчесто се кршат.
Токму тие истите се една од најголемите причини за одливот со кој се соочува земјава, смета Благоја Ралповски директорот на Конфедерацијата на Слободни синдикати кој вели дека неможноста да најдат работа ги принудува младите да извадат карта во еден правец.
„Кршењето на наведените права од страна на работодавачите многу силно влијаат врз целата состојба со која се соочува државата . Импликацијата од истото тоа кршење едноставно ги принудува да заминат бидејќи нивното право воопшто не се почитува смета Ралповски.
Тука ги посочи и автоматизацијата и дигитализацијата кои земаат голема замав во светот и Европа а младите се почесто наоѓаат работа преку интернет на најразлични платформи, не знаејќи ги притоа воопшто нивните социјални права.
„Само добиваат средства на трансакциски сметки, без никаква заштита а токму оваа состојба е загрижувачка и е загуба за економијата, општеството, но и за самите млади луѓе“, вели Ралповски.
Што прават 53 000 млади луѓе?
Секое второ лице е неформално вработено а дури една третина од младите во државата не се вклучени во никакви активности, образование, обуки .
Тоа е запрепастувачка бројка од 53 000 млади луѓе кои никој не знае што прават, бидејќи немаат никаков однос, ниту се вработени, ниту невработени, ги нема во системот.
Како полесно до работа според Крстановски е главното прашање кое ги мачи младите а бројките покажуваат дека дури 80% од нив чекаат вработување повеќе од една година.
„Како ќе се активираат тие млади кога не се отвораат работни места, кога не се поттикнуваат на амбициозност и ризик“, запраша Емил Крстановски, Национален Координатор на Меѓународна организација на труд во Македонија надоврзувајќи се и посочувајќи дека токму кршењето на правата на младите не смее да се дозволи да биде причина за заминување од земјата .
Тој спомена дека владата преку мерката Гаранција за млади се обидува да најде решение но сепак за тоа ќе и треба помош и од бизнис заедницата, синдикатите и невладиниот сектор.
За потсетување, мерката Младинската гаранција значи во одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат. За бизнис-заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал-кажа премиерот при соопштување на овој сет мерки минатата година.
Инспекторатот во континуитет врши надзор на работата, но колку вродува со плод?
Повикувајќи се на статистиката, директорот на Државниот инспекторат за труд Аљајдин Хавзиу пак вели дека невработеноста изнесува околу 22%. Тој укажува на фактот дека законите врз кои се врши трудова инспекција се обемни, дека младите мора да ги знаат и да се информираат за нивните права согласно договорите кои ги потпишуваат за работа, дека работодавачите се должни да го исплатат додатокот за плата и бонус ако работникот работел повеќе од 190 часа неделно. Годишно Државниот инспекторат за труд обработува околу 30 000 случаи на прекршени права.
Работниците и работодавачите да си подадат рака
Работникот треба да има храброст! - Ова е пораката која ја испрати адвокатката Анета Баснарков.
Таа и покрај проблемите на младиот човек вели дека младите треба да се запрашаат што може да направат и како да ја променат ситуацијата која воопшто не е поволна а не само да се жалат.
Баснарков вели дека младите често не се свесни како е да се стапи во работен однос.
Баснарков посочува дека оваа кампања треба да послужи како еден вид на помирување на работниците и работодавачите бидејќи работничките права се бенефит за сите.
И.С.
