Младите сметаат дека Владата не знае да ги реши нивните проблеми
На денешниот Светски ден на младите, како најголеми проблеми со кои се соочуваат, младите ги потенцираа, невработеноста, лошиот животен стандард и слабата вклученост во носењето на одлуки во општествените текови.
Токму овие проблеми ги тера својата иднина да ја гледаат на друго место и затоа голем број на млади се исселуваат.
Љуми Бекири, активист од Студентскиот пленум, смета дека Владата не знае да ги реши проблемите со младите.
„Дали Македонија може да го прославува Светскиот ден на младите, рамо до рамо со другите држави? Во земја во која пензионерите ги уживаат бенефициите што би требало да ги уживаат младите, мислам дека не е лесно да се изедначиме со светот во тој поглед. Колку младите имаат и ги уживаат своите права во Македонија и колку се самите свесни за тоа е под знак прашалник. Мислам дека е доволно да го погледнеме Студентскиот дом ’Гоце Делчев’, за да видиме во каква средина созреваат младите и каква ’иднина’ сака државата да продуцира,” – вели Бекири, во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
За младите голем проблем се и условите во кои живеат за време на нивните студентски денови. Велат дека со години живеат во домови без греење, без топла вода и недоволна и еднолична храна.
Марија Павлевска, активистка од Студентскиот пленум..вели дека освен тоа, младите мора да бидат вклучени во донесувањето одлуки во општествените текови. Таа вели дека гласот на младите треба да биде чуен бидејќи ,, Младите ја имаат креативноста и храброста да размислуваме на оние начини на коишто возрасните веќе не знаат да размислуваат, затоа што ги умртвил системот во кој останале премногу долго“.
„Ни требаат повеќе места кои ќе изгледаат како аулите на окупираните факултети и во најскоро време треба да си ги обезбедиме. Повеќе дискусии, повеќе музика, повеќе уметност… На младите во Македонија им треба слобода за да бидат млади. Затоа што ,да не заборавиме, младите се ресурс на секое општество, и не смее да се дозоволи токму тие да бидат колатерална штета“- вели Павлевска во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
На одбележувањето на Денот на младите, тие зборуваа за многубројните проблеми со кој се соочуваат во Македонија, а како најголема последица од условите беше потенцирано масовното исселување на младите од државата.
Инаку, според Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230.000 граѓани, од кои најголемиот дел се млади луѓе.
