МЛАДИТЕ САКААТ БРЗИ РЕЗУЛТАТИ: Колку време е потребно за да се „испече“ еден занает?
Младите денес сакаат брзи резултати на професионално поле и добра заработка, но постарите кои со години се занимаваат со одредена струка, велат дека треба да помине време додека да се „испече“ еден занает народски кажано. Тој процес бара учење, труд, посветеност и резултатите не доаѓаат брзо, туку често се потребни и години. Но, многу важна за успех и напредок е и љубовта кон професијата.
„За разлика од сега, порано беа многу јасни ставовите. Прво треба да бидеш чирак, па калфа, па дури потоа се стануваше мајстор. Сега сите преку ноќ станаа мајстори. За занаетите, не само физерскиот и за другите, си беше јасно дефинирано. Прво одиш чирак, па калфа, со временски интервали, па на крајот полагаш мајсторски испит. Јас работам 33 години, има млади коишто преку ноќ стануваат мајстори, ама доколку зад себе имаат клиенти, значи тоа вреди. Имаше порано фризерски дуќани, сега се студија, имаше фризери, а сега има стилисти. За да бидеш стилист, треба да имаш познавања комплетно од чевли, фризура, гардероба, ние можеме да бидеме стилисти само за коса. Квалитетот го ценат клиентите, тие ја прават селекцијата и сега е полесно со интернет за рекламирање“, објаснува Димче Ивановски, претседател на Македонската асоцијација на фризери.
Оние кои работат со децении велат дека клучот на успехот е да имаат задоволни муштерии. Секој задоволен клиент е реклама за нивната работа и им носи плус други клиенти во иднина.
„Јас учев уште од младоста, почнав од хоби, потоа станав професионалец. Веќе 40 години сум кројач. На 16-17 години почнав со оваа работа, имав роднина и од неа учев. Имав 21 година кога првпат шиев за друго лице, значи поминаа 4-5 години откако почнав. Ми требаа неколку години, но потребно е да се има талент и љубов. Јас работата ја работам со љубов, мене ми е задоволство кога од едно обично парче платно правам панталони или капути. Корекции може секој да прави, а ова не го може секој. Кога сакаат да учат, младите доаѓаат и прво прашуваат колку пари ќе добијат, а порано не било така. Желбата е многу важна. Ланската година првпат една млада девојка изрази желба да купи машина, да учи занает, но потоа не дојде“, вели Весна Стефаноска, кројачка и шивачка.
И козметичарите додаваат дека треба да се помине обука и плус е потребна пракса со луѓе. Треба теоретско, но и практично знаење.
„Секој за себе е приказна. Јас отсекогаш сакав да бидам козметичар, но најмалку 6 месеци мора да поминат во работа со луѓе, а претходно и обука да се има. Секој третман си го носи своето, секој човек е различен“, вели Анета Ѓорѓиева, козметичар.
Социјалните мрежи нудат можности за маркетинг, но треба да се има и квалитет. Сепак, квалитетот ги задржува муштериите. Занаетите денес нудат и можност за добра заработка, посебно ако се дефицитарни.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
