Млади правници на јужната граница, бранот на бегалци не стивнува!
Селективното пропуштање на бегалци кои доаѓаат само од воените жаришта од Сирија, Ирак и Авганистан и засилената контрола не ја намали драстично напнатата состојба на јужната граница. Илјадници бегалци секојдневно транзитираат низ земјава, а има и други кои на илегален начин успеале да ја продолжат рутата. Економските мигранти почнуваат да се претставуваат како бегалци со фалсификувани документи од Фронтекс и сириски, авганистански и ирачки патни исправи.
На терен покрај екипите на хуманитарните организации, полицијата и армијата, делуваат и дваесетина млади правници кои даваат правна помош за постапката за азил како и за сите прашања и потребни информации на бегалците и мигрантите додека престојуваат во Прифатниот центар ,,Винојуг,, во Гевгелија. Меѓу нив има 10 преведувачи од Арапски и Фарси кои помагаат во комуникацијата. Велат нивната задача е да им ја олеснат административната обврска на бегалците и да им помогнат полесно да стигнат до бесплатна правна помош. Патот по балканската бегалска рута станува се потежок.
“По последната одлука на Владата да не се пропуштаат лица кои не се од Авганистан, Сирија и Ирак, има намален број на бегалци кои секојдневно транзитираат низ Македонија, меѓутоа тоа се должи на фактот дека не на сите им е дозволен влез во земјата, а не поради тоа што општо се намалил бројот на лица кои сакаат да стигнат до Европа. Нашите стравувања одат во насока на тоа дека ваките рестрикции и фактот што легални и безбедни патишта не се обезбедени за овие лица кои поминуваат низ Македонија, ќе доведат, односно веќе сме сведоци дека доведуваат до повторно активирање на криумчарења, нелегални преминувања, како и огромна опасност од зголемување на бројот на лицата кои се потенцијални жртви на трговијата со луѓе”-вели Мартина Смилевска, претседател на Македонското здружение на млади правници.
Границата сеуште е затворена за економските мигранти. Останатите лица кои имаат соодветни документи поминуваат без поголеми застои и проблеми и по регистрација се упатуваат кон Табановце со воз или такси. Доколку некој не успеал да биде регистриран во Прифатниот Центар “Винојуг” и не добил намера за барање на азил, велат правниците, истата може да ја побара од Граничната полиција присутна во Транзитниот Центар “Табановце”.
“Според нашите сознанија евалуацијата на важноста на документите се врши од страна на граничната полиција, кои претпоставуваме дека имаат соодветна обука за препознавање на документи. Досега, согласно тоа што нашите теренски правници го имаат констатирано, полициските службеници не направиле грешка кога се довела во прашање валидноста на еден документ. Покрај тоа, нашата гранична полиција соработува со нивните колеги од Грција, кои ги алармираат доколку се сомневаат во валидноста на некој документ”- додава Смилевска.
Органзиацијата на младите правници уште од 2010-тата година имплементира проект ,,Правна помош и застапување на лица од интерес” и им нуди бесплатна правна помош на барателите на азил во земјава. Со бегалската криза нивните ингеренции се зголемија и активно работат на терен во Прифатниот центар во Гевгелија и Транзитен центар во Табановце, како и во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово и Шуто Оризари. Канцеларијата велат е отворена преку целата работна недела.
“Мислам дека чекор е направен со договорот помеѓу Европската Унија и Турција во однос на мигрантската криза. Најавите на пристигнување на Фронтех на границата со Грција е уште еден чекор напред во регистрација на бегалците и мигрантите и нивна евиденција додека поминуваат на балканската рута. Се разговара за утврдување на квоти на бегалци и мигранти како за членките на Европската Унија така и за земјите низ кои транзитираат бегалците. Со оглед на посебните околности и ситуацијата во која се наоѓаат бегалците и мигрантите, работата на активистите е доста специфична и полна со предизвици. Ние како организација работиме во областа на азилот од 2010 година, значи дел од нашите вработени веќе 5 години работат со оваа категорија на лица и секогаш се тука да помогнат на останатиот дел од тимот, бидејќи преку тимска работа постигнуваме најдобри резултати. Дополнително, секој на кој му е потребна правна помош, во било кое време може да не добие на бесплатен телефонски број 080017777 ”-објаснува претседателката на младите правници
Македонското здружение на млади правници обезбедува бесплатна правна помош и застапување на баратели на азил, бегалци и лица под супсидијарна заштита во Република Македонија во сите фази на постапката за признавање право на азил. Барателите на азил кои се сместени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, како и оние надвор од истиот, може да побараат помош или совет од 20 правници и адвокати кои секојдневно се присутни во канцеларија на МЗМП во Прифатниот центар во Визбегово.
“Дополнително, од 2011 сме регистрирани како здружение за обезбедување на примарна правна помош во Министерството за правда, согласно Законот за бесплатна правна помош.Покрај правната помош која ја даваме на новите баратели на азил и мигрантите на граничните премини и во канцеларијата во Прифатниот Центар Визбегово, нудиме правна помош во постапката за азил на лицата со признаен статус на бегалец и лицата под супсидијарна заштита кои живеат во Република Македонија од времето на Косовската бегалска криза, како и бесплатна правна помош и советување на ранливи категории на граѓани и маргинализирани лица” -нагласува Мартина Смилевска.
Во меѓувреме стигнаа апаратите за биометриска регистрација и строга селекција на мигрантите на јужната граница кои треба да се инсталираат во гевгелискиот прифатен центар треба да ги олеснат проверките на терен. На грчката граница сеуште се чека распоредување на силите на Фронтекс за воспоставување на излезна контрола од територијата на Унијата.
Слично
