Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЛАДЕН ЧАДИКОВСКИ: Ќе имаме колективен срам како држава, но лична одговорност како луѓе и новинари!

МЛАДЕН ЧАДИКОВСКИ: Ќе имаме колективен срам како држава, но лична одговорност како луѓе и новинари!
Младен Чадиковски, актуелен директор на неделникот Фокус, во мини интервју за Фактор вели дека е помалку изненаден од импозантната бројка на 100 тина прислушувани новинари. „Убеден сум дека секој ја познава својата персонална линија на отпорот со кој може да се соочи. Можеби некој сака и може да живее со помислата дека е помагател или шрафче на една историја од која утре ќе имаме колективен срам како држава, но индивидуална одговорност, како поединци, новинари и луѓе“ вели последниот главен и одговорен уредник на згаснатата А1 телевизија. разговара Горазд Чомовски Фактор: Околу 100 новинари во изминативе неколку години биле прислушкувани, меѓу нив се најде и вашето име. Изнeнадени ли сте од документите кои ги презентираше опозицијата или Вам ова Ви беше познато, ако се земе предвид дека уште пред згаснувањето на А1 телевизија се зборуваше дека новинари биле следени? Чадиковски: Не сум изненаден од документите на опозицијата, напротив тие се само соголување на вистината во која сите ние живееме. Прашајте се само и Вие лично, или Вашите блиски, колку пати дневно си велите дека за ова или за она не треба да зборуваме на телефон. Македонската орвеловска држава почна со упадот во А1, притворањето на Рамковски, продолжи со затворањето на телевизијата и трите весници, но никако не заврши таму. Постоењето на снимки за 100 тина прислушувани новинари секако ја надминува границата на мојата фантазија за тоа како треба да изгледа една прислушувана држава, но е вовед во идните случувања на сцената, кои на крајот на денот ќе остават лош белег на целата земја, а нема да завршат убаво за нарачателите на оваа приказна. Фактор:  Дали по обелоденувањето на прислушуваните разговори  новинарската фела која работела под  инструкции од одредени центри на моќ ќе се охрабри да проговори за притисоците кои се вршеле врз нив, или ова дополнително ќе влее страв меѓу седмата сила? Чадиковски: Убеден сум дека секој ја познава својата персонална линија на отпорот со кој може да се соочи. Па првиот и вториот ден од објавените гадости, веќе сме сведоци на првите оставки на новинари или уредници што се случија во медиумската сфера. Нешто сепак се движи. Персоналната граница колку и да е теглива има свој крај. Можеби некој сака и може да живее со помислата дека е помагател или штрафче на една историја од која утре ќе имаме колективен срам како држава, но индивидуална одговорност, како поединци, новинари и луѓе. Фактор: Сопстевникот на Фокус Никола Младенов со години бил прислушуван од УБК. Дали доколку сопругата на Младенов се согласи да се објави прислушуваното досие на доајенот на македонското новинарство, ќе биде открена мистеријата дали неговото загинување е несреќен случај или нарачана ликвидација? Чадиковски: Не можам да кажам дали прислушуваните материјали ќе ја откријат мистеријата за смртта на Младенов, но секако ќе помогнат да се расветлат многу детали од мистериозната несреќа. Семејството на Младенов секако ќе знае како и кога да постапува во однос на материјалите кои се однесуваат на Никола. Тој бил најприслушуван од сите новинари, веројатно затоа што по изборите во 2011 се сметаше за човек кој може и успеа да го обедини најквалитетното новинарско ткиво. Дали беше трн во око на оваа власт? Несомнено, затоа што беше „непријател“ и на сите претходни власти! Што се случило и дали е убиен, како што поставувате дилема во вториот дел во прашањето, не знам, но знам дека неговата смрт нема да остане вечна мистерија. Тоа му го должиме, особено што и во досега објавените материјали можевме да видиме нешта во кои полугите на власта воопшто немале скрупули кон политичките неистомисленици. Фактор: Како го оценувате вчерашното обраќање на премиерот кој  тврди дека Служба на странска држава, следела комуникации на јавни личности, преку свои агенти во Македонија. Иако Груевски не кажа од која држава доаѓа странската служба? Чадиковски: Искрено, не го сфатив вчерашниот настап на Груевски. Претходно нѐ убедуваше дека кога ќе дојде време, во судскиот процес за ПУЧ се ќе било појасно. Вчера пак изнесе дузина нејасни, да не речам конфузни детали за истрагата. Вмешана била странска служба, ама дома се прислушувало, во МВР. Не само таму туку и надвор. Со која цел? Чија служба? Зошто странците би снимале новинари што раскажуваат за наслови на статии или пак си прераскжуваат настани? Од друга страна, дали вмешаноста на странска служба, значи дека нашата разузнавачка служба е како швајцарско сирење? Кој како му се сака во Македонија, така си прислушува? Тогаш да бараме одговорност од разузнавачите што не успеале со години да утврдат дека странски агентури им мешетарат во дворот. Сепак, мислам дека вчерашниот настап имаше за цел да го покрие дебито на премиерот во снимките на Заев, да фрли магла во јавноста, и нормално со помош на медиумската офанзива да се покрие, колку што е можно, аферата Прислушување. Во секој случај, таа прес конференција, ги исцрта контурите на идните случувања и јасно е дека нема да има лесна разврска во политичко безбедносната игра на македонската сцена.
Слично

Поврзани вести