Мизо: Mожеби квантитетот ќе се намали, но квалитетот на инвестициите ќе биде позитивен
Класичниот економски концепт, кажува дека странските директни инвестиции се добри. Теоретски, тие носат свеж капитал, нова технологија, го поттикнуваат економскиот раст, но како тие влијаат на безбедносната состојба на одредена земја и нејзините стратешки економски интереси. Западните земји започнаа сериозно да работат на механизми за проверка на корозивен капитал по руската анексија на Крим во 2014 година. Но, експертите во вечерашната Топ Тема на Телма, се едногласни дека по руската инвазија на Украина во февруари годинава, како и ковид кризата претходно, светот повеќе не е ист, и сите земји посветуваат многу поголемо внимание за потеклото на капиталот позади странските инвестиции.
Според експертите тоа на краток рок може да изгледа дека биле спречени некои инвестиции, но на долг рок ќе знаеме дека тие што ја поминале проверката се конструктивен капитал и доаѓаат за вистинските потреби и цели.
„Сметам дека во иднина тој систем ќе биде многу порегулиран и поригорозен. Но, сакам да кажам дека ова значи прифаќање на одговорноста за иднината на една држава. Бидејќи некој сега може да аргументира, дека ние и досега се боревме за толку многу инвестиции да влезат и не беше тој процес лесен, е сега одеднаш ќе го намалиме потенцијалот колку инвестиции би дошле. Јас би рекол можеби квантитетот ќе се намали, но квалитетот на тие инвестиции ќе биде позитивен и од таа гледна точка ќе имаме долгорочен просперитет од една страна, наспроти краткорочна добивка“, смета Виктор Мизо, директор на Костал Македонија.
