Митревски против исклучените синдикати - Тие го оспоруваат, но преговараат
Живко Митревски како актуелен претседател на ССМ заедно со Благоја Ралковски од КСС демонстративно го напуштија првиот состанок на Економско-социјалниот совет бидејќи присуствувале и исклучените синдикати. Тие сметаат дека министерката за труд и социјална политика направила преседан бидејќи исклучените синдикати според Митревски и Ралковски не бидел репрезентативни и со нив не може да се водат преговори.
Сепак, како што ги нарекуваат исклучените гранкови синдикати тврдат дека Дарко Димовски е легитимно избран нов претседател на ССМ и дека тие вистински ги застапуваат работничките права и се репрезентативни, па чекаат само спроведување на судската одлука за разрешување на Митревски.
Министерката Царовска ги повика сите синдикати да бидат присутни на седниците на советот затоа што само преку дискусија со работодавачите ќе можат да се унапредат правата на работниците.
- Сметам дека за овие прашања е многу важно да се дискутира. Затоа ЕСС денеска во целосен состав беше повикан по нив да расправа. На овој состанок беа повикани и нерепрезентативните синдикати, како и исклучените синдикати од Сојузот на синдикати на Македонија се со цел што поголема транспарентност на работата на Советот, но и пошироко дискутирање по овие клучни прашања важни за работниците во Република Македонија, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Законот за работни односи во делот на измените на породилното отстуство, Националната стратегија за безбедност и здравје при работа, како и Извештајот на економско-социјалните совети на Западен Балкан каде има препораки за унапредување на работат на овие совети во регионот, беа теми на разговор на денешната седница на Економско социјалниот совет.
