Митревски: Едно четиричлено семејство не може да ги задоволи ниту основните потреби
Бројот на вработени кои примаат плата повисока од 30.000 денари е многу мал, околу 3,2 проценти, а ако се земе предвид дека висината на потрошувачката кошничка е 32.571 денари, тогаш повеќе од јасно е дека недостасуваат сериозен дел на средства за задоволување на потребите на едно четиричлено семејство, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Факт е дека Република Македонија, слично како и останатите држави, живее во услови на сериозна светска економска криза, па оттука начелно е постигнат договор, дека во вакви услови, не смее да се дозволи помасовно отпуштање на работници, ниту пак намалување на платите, а исто така стратешка определба е да се задржи и висината на пензиската граница“ - посочува Митревски.
Во однос на минималната плата и потребата од нејзино зголемување, вели дека апсолутно има потреба да се зголемуваат платите во Република Македонија, ако се имаат предвид и предвидувањата за зголемување на цените на производите, односно храната.
„Радува можеби еден податок што Република Македонија не падна драстично во делот на обезбедување на висината на производството, напротив, бележи раст од 2,9 отсто во тој дел или во носечкиот дел кај градежништвото каде што имаме драстично зголемување на продуктивноста и на производството, но од друга страна, пак, податоците што ги добивме исто така покажуваат дека 80 илјади работници примаат плата некаде во висина на минималната плата“ - додава првиот човек на CCМ.
Слично
