Мите – „Брилијант“ вложи 1,2 милиони евра во акции на „Фершпед“ !
„Европа“ директно и „Брилијант“ преку „АВТ Консалтинг“ консолидираа 1.042 акции односно 5,75 отсто од сите акции со право на глас. Во тие акции „Европа“ и Мите Николов газдата на „Брилијант“ за две недели вложија 2,75 милиони евра! Сега Штерјо Наков и неговите двајца синови заедно со роднината Николов и со „Европа“ (во која најголем акционер е „Фершпед“) контролираат повеќе од 37 отсто од сите акции со право на глас во најголемата шпедитерска компанија во земјава. Дали последниве две операции за купување акции значеа навремена одбрана од обид за непријателско превземање на „Фершпед“?
Мите Николов, сопственик на штипската компанија „Брилијант“, најголем домашен производител на сончогледово масло за јадење, вложи 75 милиони денари (над 1,2 милиони евра) во акции со право на глас во најголемата македонска шпедицидија „Фершпед“. Компанијата АВТ Консалтинг ДООЕЛ – Скопје во понеделникот на 29 декември преку блок трансакија на берзата купи 620 акции на „Фершпед“ за кои плати 75 милиони денари односно по 121.000 денари за акција. Купувачот „АВТ Консалтинг“ е фирма ќерка на „Брилијант“, која пак е во целосна сопственост на бизнисменот Мите Николов.
Со последната трансакција на 29 декември фирмата „АВТ Консалтинг“ се стекна со 620 акции и вкупно во „Фершпед“ поседува 1.308 акции односно 7,22 отсто од сите акции со право на глас во најголемата македонска шпедиција, потврди официјално Македонската берза за хартии од вредност.
„АВТ Консталтинг“, во целосна сопственост на „Брилијант“ е формирана на 18 декември годинава и е со основна главнина од 39,9 милиони денари и е основана со непаричен влог. Управител на фирмата е Александар Михајлов од Штип.
Со последната трансакција од 29 декември „АВТ Консалтинг“ стана трет најголем поединечен акционер во „Фершпед“ веднаш по браќата Драган и Сашо Накови, синови на Штерјо Наков долгогодишен генерален директор и најголем акционер на „Фершпед“.
Анализата на податоците на Централен депозитар за хартии од вредност, што ја направи „Фактор“, покажува дека во периодот од 22 декември преку 29 декември 2014 година до 5 јануари 2015 година постојано се намалува бројот на акции кои се во посед на домашни физички лица – акционери во „Фершпед“, но воопшто не се намалува бројот на акционери, тој останува ист. Во овој период бројот на акции во посед на домашни физички лица на 22 декември 2014 бил 10.995 акции, на 29 декември тој број бил 10.965 акции, а на 5 јануари според најновната фактича состојба бројот на акции во посед на домашни физички лица е 10.965 акции.
Тоа значи дека бројот на акции на домашни физички лица од 29 декември 2014 година до 5 јануари годинава паднал за 618 акции односно тие се прелеале во домашните правни лица. Очигледно е дека продавачи на овие акции се домашни физички лица кои имале повеќе акции во „Фершпед“, а сега имаат помалку акции, но и понатаму се акционери во компанијата. Според, неофицијални информации добар дел од акциите кои сега се во „АВТ Консалтинг“ до неодамна биле во лична сопственост на Мите Николов, сопственикот на „Брилијант“.
Засега не може да се даде дециден и прецизен одговор на прашањето што се случува во акционерската структура на „Фершпед“ и кои се причините за овие актуелни прегрупирања кај акционерите. Но фактографијата докажува дека Николов како роднина на Накови ја окрупнува својата акционерска позиција во компанијата која многу години беше под контрола на неговиот стрико Штерјо Наков.
Само за потсетување пред неколку дена објавивме анализа за деловната операција со која кондиторската индустрија „Европа“ вложи над еден милион евра во акции на „Фершпед“. Повеќе за тоа на следниот линк.
Р.Ф.
Слично
