Судбината на спорната енциклопедија на МАНУ останува мистерија!
Македонскиот лексикографски зафат, оценет како историски, научен и национален потфат, станува товар за МАНУ. Ниту се знае судбината на двотомното издание, а нема ни решенија од втората Редакција предводена од академикот и писател Митко Маџунков. Тој го замени историчарот акдадемик Блаже Ристовски кој беше критикуван поради методолошки грешки, научни валоризации за личности и настани во Македонија и од регионот.
“Новата редакција е се поблиску до идејата да се прави некое ново издание на Енциклопедијата иако постојат мислења дека тоа не е работа за Академијата”, вели академик Владо Камбовски, председател на МАНУ.
“Секоја промена во веќе објавеното издание би била ревизионистичка и несоодветна кон делото на предходните автори. Но, новата редакција никогаш немаше мандат да состави нова Енциклопедија“, вели во интервју новиот шеф на Редакцијата академик Митко Маџунков кое во целост Фактор ќе го објави деновиве.
Очигледен е различниот приод и концепти за судбината на издадената Македонска енциклопедија. По една деценија подоготовки и ангажирани над 260 соработници, но и по пет години од нејзиното објавување, двотомното издание на Македонската енциклопедија е архивирано како оспорен лексикографски проект.
Само една недела по нејзината промоција и првите остри рецензии во македонската јавност, книгите, со околу 9000 одредници, се илегално објавени во електронска верзија, со што неименуваниот продуцент заработил најмалку 300 илјади долари. Никој во МАНУ не знае или не сака да каже каде се наоѓаат повеќе од 1500 приморици од Енциклопедијата и дали таа сепак е дистрибуирана и откупена, пред се од нашинците во дијаспората. Само околу 300 примероци се продадени или подарени. Тие денес имаат своја посебна библиографска вредност, како и монетите во нумизматиката.
Академик Маџунков во разговор за Фактор е категоричен – менувањето на текстовите во издадената Енциклопедија е реваншизам кон претходните автори.
„Дојдовме до заклучок дека не станува збор само за неколку критикувани одреденици туку дека не се веродостојни многу текстови за личности и настани, вклучувајќи цели области - македонска уметност, книжевност, итн. Поради тоа заклучивме дека во издадената Енциклопедија не треба да се чепка, туку двотомното дело да се остави какво што е, со некој кус анекс, соодветно образложение. Оценивме дека треба одлука за изработка на сосема нов концепт и издание за Енциклопедија. Овие идеи се доставени до Претседателство на Академијата, меѓутоа таквото решение не стигна на дневен ред на Собрание на МАНУ. Значи поради некое причини, можеби и материјални, сега имаме статус кво ситуација”, вели Манџуков.
Фактор: Велите дека би се работело на нова Енциклопедијата, но што ќе биде со спорното издание ?
Маџунков: Како што кажав МАНУ треба да донесе одлука за изработка на нова Енциклопедија. Секоја промена во веќе објавеното издание би била ревизионистичка и несоодветна кон делото на предходните автори. Но новоформираната редакција требаше да даде само идеи и предлози - што понатаму со Енциклопедијата? Редакцијата никогаш немаше мандат да состави нова Енциклопедија, ниту да менува одредници, ние бевме избрани да дадеме предлог што да се прави со оспореното издание.
Фактор: Пред извесно време оценивте дека поради неколку одредници би било грешка да се рециклира Македонската Енциклопедија. Но за неа денес не се зборува ниту како капитален зафат на Академијата?
Маџунков: Кога внимателно ја прегледав Енциклопедијата заклучив дека има многу слабости, не само од политичко-историска природа или дека се спорни само текстстовите поврзани со албанската национална проблематика. Утврдиме и погрешни приоди во методолошки концепт при изработката на некои одредници, при составувањето на користените формулаци, во содржина и обемот на одредниците, па се до објавените текстови што се однесуваат на уметностите, вклучително и литературата. Значи тоа не е „бенигно“. Во овој период, пред да се почне со изработка на нова голема Енциклопедија, неоподно е да се започне токму со таканаречените неутрални теми, па да се состави само книжевна Енциклопедија, посебна за ликовнате уметност. Во нашето одделение во МАНУ овие идеи првично беа прифатени, но подоцна работата застана, не се донесе дефинитивна одлука. Но иднината е во овој лексикографски приод. Јасно е дека секоја генерација има свои проценки и кога ќе помине извесно време, можеби ќе биде неопходно да се напрви и нов Македонски речник и нова Енциклопедија.
Од серијата разговори со членовите на МАНУ, што ги направи Фактор не е извесен ниту концептот за реновирање или иновирање на веќе издадената Енциклопедија, уште помалку има средства за комплетно нови лексикографски проекти. Претседателот на МАНУ Владо Камбовски вели: „Македонската енциклопедија се уште има ист статус, како и досега. Беше повлечена од дистрибуција, формирана е нова Редакција која требаше да предложи некое ново решение. Додека Собранието на Академијата не ги напушти своите поранешни заклучоци и не ги замени со нови, јас немам некое посебно овластување да предвидувам што ќе се случи. Значи ние чекаме новата Редакција да предложи одредено решение. Таа Редакција ја води академик Маџунков и некако се блиску до идејата да се прави некое ново издание на Енциклопедијата, макар што постајат ставови дека тоа не е работа за Академијата дека треба да се подготвува од некој посебен Лексикографски завод што треба да биде формиран кај нас“.
„Врз судбина на издадената Енциклопедијата влијае и фактот дека внатре, во нашата наука, немаме воспоставено отворен научен дијалог за сите прашања со различните пристапи на историографиите на Балканот во однос на одделни политички теми од нашето минато и настаните и личностите значајни за сите народи кои живеат на овие простори. И второ, не е достигнато едно потребно ниво за научна толеранција при конфронтациите за веродостојноста на заклучоците, тези и теории кои се грдат врз основа на општа синтеза. Меѓутоа таква конфронтација во нашата научна јавност уште не постои, особено во однос на интерпретацијата на историските настани со различни теориии и тези за историската наука. Тука главно беа забелешките кои се однесуваат на промовираната Енциклопедија“, рече во интервју за Фактор, претседателот на МАНУ Камбовски.
Решенијата за судбината на Македонската енциклопедија зависат од раководството на МАНУ, вели академик Алајдин Абази, кој по една година членство се повлече од избраниот тим на новата Редакција која треба да сугерира што со старата и дали е возможно ново издание на вакви капитални лексикографски проекти.
“Дали ќе има нова Енициклопедија зависи пред сè од новата Редакција. Засега e статус кво, Енциклопедијата е повлечена. Во неа не се спорни само неколку одредници туку има и други проблеми за што треба да се изнајдат соодветни решенија. Не смее повторно да се направат грешки кои не и доликуваат на една високонаучна институција, како што е МАНУ. Значи во прв ред треба да се отстранат проблематичните одредници во Енциклопедијата, а потоа и да се изработи некоја друга форма на нејзино публикување, можеби електронско издание со што сите страни би биле задоволни. Јас бев речиси една година дел од Редакцијата но откако увидов дека нема никакви изгледи да најдеме заедничко решение јас и уште неколку академици одлучивме да се повлечеме бидејќи оценивме дека тоа може да трае со години”, изјави академик Абази.
Горазд Чомовски
