Мирољуб Шукаров: за да мрдне македонската економија потребни се структурни промени!
Универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров, смета дека во 2014 година нема никаква основа да се очекува некое позначајно поправање на состојбите, особено од аспект на државното трошење и инвестициите.
Фактор: Како ја оценувате 2013 година на економски план?
Шукаров: На економски план 2013 година можам да ја оценам како уште една година во низата недоволно искористени години. БДП производ е многу низок и достигнатите стапки на раст се ниски кога се има предвид економија во развој каква што е македонската. Достигнатите стапки на раст (2.2 - 2.5%) се задоволителни за развиените економии, но не и за земја во развој. Растот и развојот е неопходно да се темелат врз активитетот на приватниот сектор, а не доминантно да зависи од државната активност, директно и индиректно. Бруто инвестициите, како еден од основните фактори на растот и можната идна зголемена стапка на вработеност, се одржуваат континуирано на релативно ниско ниво.
Статистиката бележи пад на стапката на невработеност и благ раст на стапката на вработеност. Сепак, тоа е недоволно за да го сврти трендот во позитивна насока на приближување кон стапките кои Европската Унија ги пропишала во своите документи за прифатливи (75%).
Македонската стапка на вкупна вработеност изнесува нешто над 46% и е недоволна. Се разбира дека доминантен дел од динамиката на продуктивно вработените лица треба да бидат во приватниот сектор, што во Македонија не е случај (иако недостасуваат релевантни информации за бројот на вработените и динамиката на вработувањата во државниот сектор).
Недостасуваат и релевантни податоци и за бројот на жителите (попис), а оттука и на бројот на активно население, со што тешко може да се прифати за валиден кој и да е процентуален податок за стапките на невработеност и вработеност.
Ова особено е важно затоа што податоците на Светската Банка укажуваат на голем број регуларно отселени лица од Македонија кои не се евидентирани во нашата статистика.
Фактор: Што не очекува во 2014 година на економски план?
Шукаров: Годината што ја очекуваме претпоставувам дека ќе биде слична на оваа која изминува. Нема никаква основа да се очекува некое позначајно поправање на состојбите, особено од аспект на државното трошење и инвестициите. Усвоениот буџет и предвидените капитални инвестиции во инфраструктурата предвидени со него, доколку се реализираат можеби ќе дадат своевиден развоен поттик. Можно е и благо поместување на домашната потрошувачка поради влијанието на изборите и соодветните пратечки економски политики кои би биле насочени кон пораст на впечатокот дека со економијата е се во ред.
Сепак, главните развојни поттикнувачи - домашните инвестиции во приватниот сектор (оттука и зголемениот број вработување во приватниот сектор) и извозот, неможат да се покренат во кус период. За нив е неопходен подолг рок за промена на стопанската структура на земјата и промена на логиката на функционирањето на банкарскиот и финансискиот сектор, воопшто.
Н.С.
Слично
