Мириса на еколошка катастрофа во Лисиче и Тетово: Што ќе помогне прскањето?
Од денеска Градот Скопје почнува со прскање на улиците со средството калциум магнезиум ацетат, што е една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух. Прскањето ќе се спроведе на булеварот Свети Климент Охридски со улицата Свети Кирил и Методиј (пред зградата на поранешната НИП „Нова Македонија) и улицата Јордан Мијалков.
-Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период. Важно е да се нагласи дека брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството Калциум Магнезиум Ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Изборот на трите сообраќајници (булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков) е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, и најлесно ќе може да се споредат резултатите пред и по третирање со КМА, посочуваат од Градот Скопје.
Како што објаснуваат од Градот, искуствата од европските градови каде што се користи ова средство покажале дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти.
Но дали ова е едниствената мерка за решавање на овој долгогодишен проблем и колку ќе го намали загадувањето на воздухот ? Екологистите се скептични. Претседателката на партијата ДОМ Лилјана Поповска, вели дека оваа мерка ќе го прочисти воздухот, но не е долгорочно решение за овој проблем.
-Нема да го реши проблемот, посебно што ќе биде изведено како пилот-проект, на неколку улици. Но би требало да го намали загадувањето. Ќе исталожи дел од честичките и ќе го прочисти воздухот. Загадувањето треба да се решава систематски и посветено, а не на парче. Последниве години најголем проблем се ПМ10 честичките. Има повеќе извори: индустриски капацитети, возила, електрани, градежништво, домаќинства, согорување органски материјали и отпад. Значи, по ред: контрола на индустриските капацитети со деноноќно покривање од страна на инспектори за животна средина, особено навечер и во викенди; пренасочување на сообраќајот од центарот, а таму да биде пешачка зона, како што неодамна направи Осло; отстранување на стари возила од центарот, кои чурат како пампури; изградба на мрежа од прописни велосипедски патеки; стимулирање на јавниот превоз; одржување на оџаците и други гасо-одводни канали; контролирање на градежните активности, а не да се движиме по градилиште низ цел град; поголема енергетска ефикасност на објектите. Долгорочни мерки, пак се: урбанистичко планирање што води сметка за розата на ветрови и проточноста на воздухот, зголемување на зелените површини, изградба на брзи сообраќајници и подземни сообраќајници, како и трамвајски или тролејбуски линии. Ама како секој политичар да бега од решенија кои не се покажуваат во 2-3 години и со кои не може да се пофали на следните избори, вели Поповска.
Според Независниот истражувачки центар Нумбео кој го мери квалитетот на воздухот во 59 европски градови, Тетово и Скопје и натаму се први на листата на најзагадените градови во Европа. Проблемот со загаденоста на воздухот се јавува секоја година во овој период кога почнува и грејната сезона. . Мерните станици на министерствот за животна средина и просторно планирање покажуваат дека присуството на штетните честички ПМ10 се дури шест пати над дозволените граници во речиси сите скопски населби, а концентрацијата на штетните честички е над границите и во Битола и Квадарци.Минатата година надлежните донесоа мерки за решавање на проблемот меѓу кои и беа казните за големите загадувачи.
-Најзначајно е намалено загадувањето од големите загадувачи, со тоа што ги натеравме да се прилагодат еколошки до 1 април 2014. Се сеќавате дека Макстил и Југохром беа привилегирани од Владата, па им дадоа продолжен рок, па со реакции и заеднички сили, се стави во ред скопскиот загадувач. Југохром продолжи, нејасно е што точно се случува таму. Иако во Тетово има огромно загадување и од сообраќаен и урбанистички хаос што е создаден во градот, со дополнително уништување на зелените површини во градот, но и во околината, со безмилосна дива сеча. Инаку, последниве години се сведени на минимум разните гасови, а главен проблем останаа ПМ10 честичките во градовите. Мора да се признае дека подобрениот јавен превоз во Скопје даде одреден резултат, зашто се користи многу повеќе од порано, со што е намален донекаде бројот на возила на улица. Но, во Скопје воопшто има премногу жители, погрешно се водат развојните политики, практично имаме силна централизација и скопјанизација на Македонија, наместо рамномерен регионален развој. Слично е со западниот дел од земјата, каде во Тетово гравитира целиот Полог, но и жители од соседните земји, во потрага по работа. Воопшто, на земјава и фали обмислена стратегија за одржлив развој, зашто вака, сите одиме во неврат и со загадување и со целосно неквалитетен живот, вели Поповска.
Надлежностите за решавање не проблемот со загадениот водух се поделени помеѓу министерството за животна средина и Градот Скопје. Иако поголемиот дел од мерките се во налдежност на Градот Скопје, во градската каса за следната година за заштита на животната средина се планирани околу 600.000 евра, од кои само 40.000 евра се за набавка на калциум-магнезиум-ацетат, со кој ќе се прскаат улиците за да се апсорбираат ПМ10 честичките, а преостанатиот дел од средствата ќе се трошат за изработка на елаборати и студии за животната средина. Во еден од своите извештаи Светска банка укажува дека загадувањето на воздухот во Македонија е едно од најголемите во Европа, што исклучително лошо влијае врз здравјето на луѓето. Во извештајот се нотира дека Македонија има најзагаден воздух во Европа, а земјава е на прво место на листата на банката, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Веднаш зад нас е Србија, а потоа следуваат Романија, Бугарија и Малта.
Т.С
Слично
