Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мирчев: Претседател може да се избере и без албански гласови, ама пожелно е да ги има

Мирчев: Претседател може да се избере и без албански гласови, ама пожелно е да ги има
Може Претседател да се избере и без албанските гласови, но неговата функционална  положба и активност се стабилни само ако е преставник на сите граѓани во државата. Професорот Димитар Мирчев не ги прифаќа критиките дека надворешната политика на државата не се градеше врз активна добрососедска политика, ниту пак дека Македонците имаат корист ако развиваат непријателски односи во регионот. Првиот амбасадор на самостојна Македонија во Ватикан, советник на актулениот шеф на државата, разбирливо, Претседателот Иванов го гледа повторно на највисоката функција. Во интервју за Фактор, проф. Мирчев не ги дели ставовите дека идниот Претседател е жртвеник на Власта во решавањето на спорот околу името. Вонредните парламентарни избори нема да донесат некакви драстични промени на политичката сцена - ВМРО-ДПМЕ и ДУИ со вонредните парламентарни избори сакаат да обезбедат уште еден нов четригодишен мандат, оценува  Мирчев.    Фактор: Каков Претседател ù е потребен на Македонија и кои треба да му бидат приоритетите на идниот шеф на држава? Д. Мирчев: Претседателот Иванов веќе се потврди како чесен, одговорен, квалификуван и омилен кај граѓаните. Не знам каков друг претседател ù е потребен на Македонија. Приоритетите се всушност исти: нашата  евроатлантска интеграција, но и политиката на – отвореност кон сите. Меѓу приоритетите секако се и економското зајакнување, подигнувањето на стандардот на сето население и пред сè човековите права и граѓански слободи. Не знам што друго некој друг кандидат за претседател може да понуди. Дали идниот претседател на Македонија ќе биде „политички жртвеник“ кој ќе треба да  го стави својот потпис за комрпмисно решение со Грција за името? Д. Мирчев: Не верувам воопшто дека има изгледи за тоа, без разлика на кандидатите и партиите. На пример дали се помеки или потврди, дали нешто претходно изјавиле во една или друга насока. Барем за Претседателот и кандидат Ѓорге Иванов, можам да тврдам дека нема да го стави својот потпис на некаков компромисен договор, на штета на идентитетот и интересите на оваа нација и држава. Фактор: Што според Вас има спорно во последниот предлог на посредникот Нимиц  „Горна Република Македонија“, што медијаторот, до Скопје и Атина, го доставил во април 2013 година.  Д. Мирчев: Нема ништо спорно. Како компромисно решение, јас би го потпишал, ако не утре, сигурно задутре. Но, условот е да не се навлегува во македонскиот идентитет, националност, историја, култура, кодови, Устав итн. Напросто, Грците треба да кажат отворено: постои Македонска нација, јазик, држава, историја, малцинство итн. Спорно пак е што овие прашања се сосем надвор од рамката на Резолуциите на ОН од 1993 г. Во нив воопшто не беше предвидено да се водат „разговори“ за идентитетот на Македонците и Македонија. Фактор: Покрај спорот  со Грција,  кревки ни се и односите со Бугарија која може да не условува на патот кон ЕУ. Дали  се доведовме до состојба кон  соседите да гледаме како кон  непријатели? Д. Мирчев: Воопшто, не сме се ние довеле во таква состојба, ниту пак има каква и да е индикација дека ние гледаме на соседите како на непријатели. Соседите си имаат свои внатрешни проблеми и го искористуваат ткн. „македонско прашање“ како алиби за решавањето на своите внатрешни проблеми. Таман работа, ние да влијаеме со „македонското прашање“ на сегашните или поранешни политички и внатрешни состојби во Бугарија, Грција, Албанија или Србија. Правиме сè што е можно  Македонија да не им биде „внатрешен проблем“. Но, не можеме повеќе од тоа. Фактор : Може ли да се избере идниот шеф на држава без гласот на Албанците  и тој да легитимен претседател  на сите граѓани? Д. Мирчев: Се разбира може, правно, уставно, законски. Но добро би било, мнозинството граѓани да му дадат подршка. Впрочем, тој настапува во име на сите граѓани, ги застапува, претставува итн. Фактор:  Дали конфронтациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се реални или се работи за политички договор кој има  за цел преку одржување на вонредни парламентaрни избори да си обезбедат нов четригодишен мандат ? Д. Мирчев: Не ги познавам деталите, но ми се чини дека на двете партии би им одговарал уште еден четворогодишен мандат. И уште една коалициска влада. Надвор од политичката и меѓуетничка реторика. Фактор:  Што  ново би донеле вонредните парламентрани избори доколку актуелните владините коалициони партнери освојат најголем  број на гласови на изборите  и со тоа можност повторно тие да ја формираат новата Влада? Д.Мирчев: Сметам дека нема да донесат нешто ново. Претпоставувам дека рамнотежата на силите и подршката на избирачкото тело, без разлика - македонско, албанско, турско итн. ќе остане приближно иста како и сега. Можеби, во мај, по изборите, ќе има некои мали поместувања во актуелната владејачка коалиција, можеби измени во владината гарнитура, но не и тектонски промени. Фактор: Постои ли опасност од  политичка криза и меѓуетнички тензии во земјава ако и понатаму остане оваа статус кво ситуација околу евроинтеграциите на Македонија? Д. Мирчев: Нема индикации или сигнали за таков тренд. Политиката на земјата е доста добро дефинирана: евроатлантска интеграција, не компромис по цена на губење на националниот и државниот идентитет, и – „Отворени кон сите“! Ова воопшто не е статус кво ситуација. Уверен сум дека мнозинството граѓани на државата го подржуваат тој курс и линија и дека нема опасност од политички или меѓуетнички тензии. Г.Ч.
Слично

Поврзани вести