МИОДРАГ МИШОЛИЌ: Ниту еден диктатор не го надживеал својот народ!
Трагедијата на Македонија е што мора да избира меѓу вакви два политички кампуса: без визија, а и со сомнителна добронамерност кон земјата.
Медиумите се најефикасниот инструмент за испраќање пораки до јавноста, а со тоа и за нејзино „насочување“ кон интересите на одредена групација. Затоа е таканаречената седма сила „опасна“ и важна, поради што центрите на моќ се обидуваат да ја контролираат на разни начини, најчесто финансиски, вели во интервју за Фактор новинарот Миодраг Мишолиќ.
СПоред него, новинарите кои прифатија да бидат пропагандисти не се достојни да се занимаваат со оваа професија. Што ќе речат кога ќе заврши сето ова? „Ме принудија“, „морално беше“... Ако „проговорат за притисоците“ само уште подлабоко ќе се закопаат во калта на послушништвото.Мишолиќ смета дека овие неколку недели не се добро време за премиерот Груевски.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: По “Големо уво“, ова е втора афера во која се прислушувани новинари. Зошто е толку опасна седмата сила што често е мета на следење?
Мишолиќ: Новинарските медиуми се најефикасниот инструмент за испраќање пораки до јавноста, а со тоа и за нејзино „насочување“ кон интересите на одредена групација. Затоа е таканаречената седма сила „опасна“ и важна, поради што центрите на моќ се обидуваат да ја контролираат на разни начини, најчесто финансиски. Карактеристика за прислушувањето е неговата законска регулираност. Барем би требало да биде така. Со одредбите на правната држава е точно пропишано во кои услови се дозволува некое лице да биде ставено под тој полициско-безбедносен третман. Никако не смее некој да биде прислушкуван само затоа што е новинар, кој има мислење и став за нешто.
Новинарот е должен да има мислење и став, особено во областите со кои се занимава и ги следи. Кај нас како сосема да се заборави најважната форма на новинарство - компетентното новинарство. Тоа го работат новинари кои низ годините стануваат некој вид експерти за областа што ја покриваат, и така прераснуваат во авторитет за јавноста. Но, за да има такви професионалци, мора да постои политика - уредувачка во редакциите, и општа на државно ниво. Неа ја нема намерно, како што е намерно и прекршувањето на законите со прислушкувањето новинари. Тие работи се тесно поврзани.
Фактор: Македонска Влада демантира дека прислушувала новинари, но никој досега не ја демантираше автентичноста на снимените разговори. Колку реално може да се очекува правна разврска на овој случај ако се има во предвид дека аферата „Големо уво“ со години чекаше судска разрешница?
Мишолиќ: Нашиот правосуден систем е во последниве години комплетно приватизиран, така што евантуална правна разврска во сегашната консталација на односите ќе оди во истата насока во која одат сите случаи поврзани со претставници на власта. Како и со новинари блиски до власта. Значи, во нивна корист. Затоа е тешко да се прават споредби со првото „Големо уво“. Тогаш беше доживеано како голем скандал самото прислушкување, без оглед на содржината на разговорите. Денес, по толку многу скандали кои поминаа без политички последици (24 декември, Скопје 2014 со сите негови аспекти, Субрата Рој, изборни измами итн итн), јавноста стана „анестезирана“, па самиот чин веќе не е шок кој менува нешто.
Тоа во голема мерка му ја олеснува работата на послушниот обвинител. Да не се лажеме, колку и да е правото работа на правниците и на законите, во вакви случаи многу е важен ставот на обичниот човек, зашто станува збор за материја од јавен интерес. Самата должина на процесот не мора автоматски да значи предност или хендикеп. Со Марко Зврлевски и актуелните судии може второво „Големо уво“ да се реши експресно или воопшто да не се најде во процедура. Веќе имавме такви примери. Но, има еден момент кој ми влева одредена доверба. Дојдени сме до ѕидот и или нешто ќе промениме или ќе потонеме во тотална диктатура. Просторот за повлекување е целосно потрошен. Мислам дека тоа сознание созрева, за што зборуваат и постапките на премиерот. До пред некој месец тој само ноншалантно ќе се насмевнеше и ќе одмавнеше со рака, одбивајќи било каков суштински компромис.
По „бомбите“, а особено по студентските протести, забележлива е промена во неговото однесување. Не се сомневам дека во сето тоа голема улога има и странскиот фактор, кој во сите овие 25 години бил многу важен во земјава. Поради тоа сакам да верувам дека ќе се случат промени во насока на враќање на професионализмот во правосудството, засега барем на нивото какво што веќе сме го имале во минатото.
Фактор: Мислите ли дека по објавувањето на документите, новинарите ќе се охрабрат да проговорат за притисоците и инструкциите кои им се давале како да известувааат?
Мишолиќ: Новинарите кои прифатија да бидат пропагандисти не се достојни да се занимаваат со оваа професија. Што ќе речат кога ќе заврши сето ова? „Ме принудија“, „морално беше“... Ако „проговорат за притисоците“ само уште подлабоко ќе се закопаат во калта на послушништвото. Новинарството е толку јавна работа, што нема потреба од објаснувања и оправдувања. Се’ се гледа и се’ е јасно. Се разбира, одговорноста не е еднаква на уредниците и на младите репортери. Тука има многу голема разлика и во овој дел не сум оптимист.
Не очекувам просветлување и катарза од луѓе кои апсолутно свесно и со умисла го убиваа(т) македонското новинарство. Особено што и другата страна, таканаречените „критички медиуми“, не се покажаа во најсјајна светлина. Секако, тоа може да се промени, но не без политичка воља. Конкретно, ако сакаме вистински информативни емиии на приватните телевизии, тогаш задолжително мора прво МРТВ да се изгради во вистински јавен сервис. Во таков случај, релативно брзо ќе станат нерелевантни разните „перачи на мозоци“. Слично е и новите медиуми. Ако ги снема „куририте“, ќе бидат беспредмети и „антикуририте“, па ќе може да добиеме квалитетено новинарство и на интернет.
Фактор: Чија вистина ќе надвладее, онаа на лидерот на СДСМ Зоран Заев или на премиерот Груевски, и каква разврска очекувате на кризата во која се наоѓа Македонија?
Мишолиќ: Кај нас одамна вистината не зависи од неа самата, туку од позицијата на моќ. Овие неколку недели не се добро време за Груевски. Како што веќе реков, одеднаш се случија и се поклопија повеќе моменти: студентите, професорите, хонорарците, „бомбите“, трагични случаи поради запуштеното здравство, па малку и СОНК. Тука е и отсуството на опозицијата од парламентот, што сигурно не му е баш најдраго, бидејќи го компромитира легитимитетот на донесените одлуки. Трагедијата на Македонија е што мора да избира меѓу вакви два политички кампуса: без визија, а и со сомнителна добронамерност кон земјата. Но, што е тоа е, и ако се случи промена се знае кој ќе биде следниот на Илинденска 2. Барем засега.
А дали ќе се случи, мислам дека најмногу зависи од странците. Заради слабата програмска понуда кон електоратот, во целото ова време од 25 години нашата политичка борба не е ништо друго, туку дворски игри и интриги, каде „аристократиите“ се „од Бога дадени да владеат и да се сменуваат на престолот“. Додека не се појави некој кој со својата програма и со кадровскиот потенцијал ќе ја привлече јавноста, ќе го покаже патот за поголем развој и ќе му даде можност на народот да стане пресуден фактор, политичките дилеми ќе се решаваат „горе“. А таму јазиче на вагата е странскиот фактор.
Фактор: Како го оценувате начинот на кој високи преставници од извршната власт менаџираат со сопствениците и новинарите на медиумски куќи и дали вината треба дасе бара исклучиво во Владата или неспособност да се соочуват со притисокот кој им се наметнува однадвор?
Мишолиќ: Силата на новинарството е во синергијата со публиката. Ако новинарите квалитетено и професионално ја работат својата работа, тогаш јавноста одговара со доверба, гледање и читање на медиумите, па тие живеат за и од оној за кого би требало. Тоа е позитивниот, убавиот круг во оваа област. Но, има и еден друг круг - клиентелистички, маѓепсан. Кога некој почнува да ги финасира медимите и тие ги ставаат во преден план неговите интереси, јавноста бргу го препознава тоа и одговара со намалена доверба. Така паѓаат тиражите и гледаноста, што доведува до намалени изворни приходи, па зависноста од финансиерот станува уште поголема, а тоа натаму ги намалува довербата, тиражите и гледаноста, и се создава спирала, која постојано се стеснува, оставајќи му на медиумот се’ помалку простор да биде тоа што треба. Во таков маѓепсан круг се сега влезени огромното мнозинство наши редакции. Вината е на двете страни, а секако повеќе кај помоќниот, што значи Владата.
Тоа сите го знаат. Клучното прашање е кој е излезот. Како што напоменав, нема излез без политичка воља. Тој што е на моќна позиција мора да сака професионални медиуми во Македонија, да е свесен дека е тоа многу важно, дури и за неговата политичка кариера. Ничија свеќа не горела до до утрото, ни еден диктатор не го надживеал целиот свој народ, во одреден момент секој ќе замине. А, потоа останува неговото наследство. Што правел и што направил додека владеел. Некои не се свесни за тој момент, но има и луѓе на кои им е тоа многу битно. Сигурно има, колку и да ни изгледа неверојатно оптоварени со искуствата од последниве години. Тоа ќе биде долга и тешка борба, бидејќи премногу е расипано и корумпирано за да среди бргу. Но, во животот владеат дијалектичките закони, што значи дека амплитудата постојано оди нагоре и надолу. Време е да ни тргне нагоре.
Слично
