Минусните салда во деловните банки стануваат се поскапи, но за граѓаните и натаму се неопходни
Деловните банки според сознанијата на „Фактор“ веќе ги приспособуваат стапките на казнената камата на минусните салда за граѓаните, кои од 1 јули со одлука на Народна банка на РСМ треба да изнесуваат 14 отсто.
Централната банка веќе ги извести деловните банки дека од почетокот на месецов референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, која изнесува 8 отсто, треба да се зголеми на 6 проценти. Станува збор за дозволените пречекорувања на трансакциските тековни сметки кај банките на кои пристигнуваат редовни месечни приливи по основ на плата или пензија.
„Ве известуваме дека референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата ја објавува Народната банка во согласност со Законот за облигациони односи.
Референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, за периодот од 01.7.2023 година до 31.12.2023 година, е зголемена за 1,25 одсто, односно согласно последната Одлука изнесува 6,00 проценти, додека до 30.6.2023 година изнесувала 4.75 проценти.
Висината на казнената камата е регулирана со Законот за облигациони односи, за денари основицата за правни лица изнесува 10, за физички лица 8 процентни поени на кои се додава референтната стапка“, гласи одговорот кој го добивме од Македонската банкарска асоцијација.
Од разговорот со банкарите, ни беше кажано дека оваа монетарна одлука нема да го намали интересот кај граѓаните за пречекорување, бидејќи услугата е лесно достапна, самите поединци имаат свои потреби и зголемената стапка изгледа незначителна во однос на редовните доходи.
- Стапката е поголема во однос на каматите кај, да кажеме, потрошувачките кредити, но на граѓаните им делува и натаму како мал трошок. Покрај тоа, минусното салдо како услуга е технички лесно спроведлива и делува примамливо за клиентите, ни рече шеф на банкарска филијала со кого разговаравме.
Од Народна банка велат дека вообичаено каматната стапка на негативните салда по платежните сметки и картички, банките ја позиционираат на ниво блиску до нивото на казнената камата,но и дека ова не е обврска која произлегува од закон или некој друг пропис.
- За клиенти кои се во задоцнување со отплата на нивните обврски, се применува казнена камата (законска или договорна казнена) која е предвидена во договорите. Пресметката на законската казнена камата се врши врз база на Законот за облигациони односи, согласно кој, за парични обврски изразени во денари, во договорите коишто вклучуваат физички лица таа е еднаква на референтната каматна стапка зголемена за 8 процентни поени, додека во договорите помеѓу правни лица зголемена за 10 процентни поени.
Со Законот за облигациони односи се уредува и максималната висина на договорната камата, која за паричните обврски во договорите кои вклучуваат физички лица, не може да биде повисока од стапката на законската казнена камата, додека во договорите, односно за паричните обврски на правните лица не може да биде поголема од стапката на законската казнена камата зголемена најмногу за 50 проценти, објаснуваат од таму.
Народна банка од 1 јзнуари 2023 ја зголеми референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата од 2 на 4,75 проценти, а претходно таа беше 1,25 проценти.
А.К.
