Економија, финансии, бизнис

Контакт

Министре, бујрум на дебата!

Министре, бујрум на дебата!

И покрај лошите временските услови и задолжителните присуства на предавањата на факултет Студентскиот  пленум делува  се поорганизирано.Студентите  велат, телефоните се прегреани, денот е се пократок, а ноќта се подолга за да стигнат со организација и артикулирање на заедничките ставови. Но, во оваа студентска “борба” не сакаат избрзани чекори.

Потенцираат дека стојат  позади секоја своја одлука, бидејќи истата е темелена на факти и аргументи. Секој нов ден за нив е исчекување на нов чекор од Власта која досега се обиде да ја изманипулира студентската иницијатива и да дебатира со сите , но не и со оние,  кои според нив,  се најзасегнати.

Магдалена Петкова е член на  Студентскиот пленум од неговите почетоци, кога се роди само како првична идеја и иницијатива на неколку колеги. Вели за добра организација биле потребни  многу договарање за да се пополнат “дупките”  помеѓу предавањата, времето пред, како и по наставата. Но,  со планирање на секоја секунда во денот, додава,  може да се постигне многу.

“Не велиме дека тешко, ниту пак дека е лесно, но нашата единствена цел е она што нè води нанапред, причина поради која со сите сили се бориме да го решиме секој проблем што би ни застанал на патот. На почетокот можеби и беше тешко, но станавме поискусни. Студентскиот пленум се организира преку одржување на редовни локални пленуми на поединечните факултети. Потоа, идеите кои биле дискутирани на  локалните пленуми и одлуките донесени по пат на гласање, се пренесуваат на координативен состанок, каде ротирачки делегати од различните локални пленуми ги изложуваат и дискутираат различните акции кои Студентскиот пленум би ги превземал. Целосното разбирање како и неизмерната поддршка од страна на нашите професори е навистина важно. Ние како студенти сме благодарни на нашите професори кои и активно се залагаат за да ја оствариме нашата цел. Тие се наши учители, тие се оние кои треба да нè водат низ студирањето и се најважната инстанца за евалуација на нашето знаење”-вели Магдалена Петкова од Студентскиот пленум.

Делуваме  систематски и  имплементираме директна демократија

Петкова вели дека нивното делување се темели на аргументи и Пленумот е во еден сеопфатен процес на координација, која што се врши на одделните факултети и универзитети. Целта на ваквата координација вели, пред се е  добивање на една стабилна платформа со цел одлучување кои ќе бидат идните активности . Според неа, Пленумот  започнал како едно движење во кое секој студент е еднаков на сопствените колеги, секој студент може да ги изнесе сопствените ставови и идеи со цел спречување на нарушување на правата кои им се непосредно загарантирани на студентите, а и правата кои се загарантирани на други субјекти, а од кои студентите се посредно засегнати. Она што досега го покажаа студентите, додава, е чиста мисла и став кој треба да се чуе, а во една земја која се декларира како демократска е легитимно право на секој граѓанин-особено студентите.

“Чашата со проблеми е веќе прелиена. Лошите услови во студентските домови, плаќањето на дополнителни трошоци покрај партиципацијата како што е ИКСА, очајната работа и нерептезентативноста на Студентскиот Парламент се само дел од низата проблеми кои суптилно се прикрадуваат години наназад. Ова се сериозни проблеми на кои ние како вакво студентско движење сметаме дека треба да се решат”-додава Магдалена Петкова од Студентскиот пленум.

Студентскиот марш на 17-ти Ноември, а потоа  и вториот еден месец подоцна,според неа,  ја разбуди јавноста и и даде тронка надеж дека прогресивната младина има свој глас, своја идеологија и свој став околу образовните политики, проблеми и предизвици. Оттогаш, нагласува, од иницијатива Пленумот созреа во вистинско студентско тело кое ги собра симпатиите на јавноста  и илјадници умови размислуваат како едно.

“Знаете, кога едноставно ви е смачено да вашиот глас не допира никаде, мора некако да се делува. Сметаме дека оваа реформа, односно државниот испит, тогаш наречен екстерно, ја прелеа чашата полна со проблеми со кои што секој од нас се соочува секојдневно. Кога сите делиме иста болка, воопшто не е тешко да се размислува и делува исто. Сето ова, кое патем е само недоличен обид да се стишат нашите гласови, ја докажуваат нивната веќе очигледна авторитарност. Меѓу другото, тоа што информацијата дека законот нема да важи за студентите кои веќе студираат беше објавена по првиот марш, зборува за тоа дека е само обид да се омекне нашата реакција.

Одбиваме да бидеме пасивни само поради фактот што “ нас нема да нè фати”, затоа што ќе ги фати нашите помали браќа и сестри кои кога ќе се запишат на факултет реформите веќе ќе бидат стапени на сила. Да не го запоставиме фактот дека и многумина од нас ќе сакаат да го продолжат своето образование со втор и трет циклус на студии, во кои министерството изјави дека ќе има државен испит. Ваквото нивно изјаснување е навреда за академската каста, интелегенцијата на секој студент, не само во нашата држава туку и насекаде во светот”-додава Магдалена.

Дебата да се чујат проблемите, а не да се соопштат одлуките!

Студентскиот Пленум, вели студентката  Петкова  се залага за правата на оние независни студенти, студенти кои досега никој ниту ги прашал ниту пак помислил на нив. Реформата  предложена од Владата, додава, не е целосно аргументирана, поткрепена со факти, ниту пак  се анализира што точно е проблемот во високото образование и зошто токму тој проблем би се решил со воведување на државен испит.

“ Би сакале дебата лице в лице, но со оглед на неодамнешните случувања, скептични сме дека ќе добиеме. Убаво би било да се премери колку тој закон е вистински потребен и сметаме дека владата овој чекор го прескокна. Тие отидоа на дискусија за модалитетите и техникалиите на државниот испит, наместо прво да дискутираме суштински дали воопшто државен испит”-вели Петкова.

Притисоците се поголеми!

Притисоците, нагласува таа,  ги имало, ги има и ќе ги има. Но Пленумот вели  јасно се искажал  дека неговите делувања се наднационални, непартиски, надрелигиски, надетнички. Трагикомична е вели Магдалена, целата ситуација каде магистерските студии ќе бидат оценувани со исти 5 прашања, а веќе спроведеното екстерно во средните и основните школи се заснова на 30 прашања. Тоа за студентите па и професорите е  додава,  преголема навреда.  Како дополнување на целиот апсурд, оценката од државниот испит нема да влијае врз оценката пишана од професорот. Тогаш прашува, зошто би се спроведувал?

“Самиот државен испит кажува дека ќе содржи содржи по пет прашања од секој предмет поединечно, од секоја наставна година, со четири понудени решенија со различна тежина, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање. Петте прашања ќе бидат со различно ниво на сложеност, две прашања со највисоко ниво на сложеност, а трите прашања ќе бидат составени со пониски нивоа на сложеност со што укажува дека одговарањето ќе биде со заокрување. Па зарем знаењето може да се оцени со заокружување? Зарем бубањето напамет, го кажува реалното ниво на знаење на студентот? Исто толку трагично е што тој базен на прашања нема воопшто да помогне во самиот процес за зголемување на знаењето на студентите, напротив, сè се сведува на учење напамет за да се тргне уште еден испит што би претставувал товар. Тоа е единствениот начин да се види до каде е знаењето на студентот? Навистина непотребно. Испитот веќе ја има таа функција да го провери знаењето на студентот” -нагласува Петкова од Пленумот.

Студентскиот Пленум според неговото членство, досега   понудил сеопфатна суштествена аргументација за тоа зошто самиот државен испит би довел до грубо кршење на универзитетската автономија. Меѓутоа, велат, освен тоа што во предлог-концептот и во неколку изјави на претставниците на извршната власт беше потенцирано дека таквата автономија ќе биде зачувана, не беа понудени никакви аргументи како тоа ќе биде сторено. Впрочем, такви аргументи, потенцираат,  не е ни возможно да се понудат, поради фактот што загрозувањето на уставно-загарантираната автономија е сосема јасно. Затоа велат од Студентскиот пленум не треба да се навлегува во натамошните технички прашања за тоа како испитот да биде спроведен, туку цврсто да се остане на ставот дека до негово спроведување не смее да дојде. Поддршката потенцираат,  која Пленумот како едно движење ја добива постојано расте. Оттука не ја исклучуваат  идеата за уште помасовен протест со кој очекуваат   да се надминат сите конструктивни препреки наложени од страна на институциите.

С.Б.

Слично

Поврзани вести