Министерството за здравство реагира: Инсулинот Lantus е одобрен и за деца!
Министерството за здравство реагира на текстот на веб порталот Фактор, во кој родители изразуваат загриженост затоа што нивните деца со дијабетес чекаат терапија.
Реакцијата на ресорното министерство ја пренесуваме во целост:
„За жал, и покрај ставовите и апелите на педијатриските ендокринолози од Универзитетската клиника за детски болести, потоа Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози во Македонија, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот и Раководителот на Центарот за дијабетес во Скопје, продолжува крајно опасното и неосновано ширење страв и паника во јавноста од немедицински или нелиценцирани лица.
Па така, во текстот објавен на порталот Фактор со наслов “РОДИТЕЛИ АЛАРМИРААТ: И деца со дијабетес ја чекаат донацијата на инсулин, каде заглави потписот?“ целосно неточно се наведува дека базалниот инсулин Lantus не е одобрен за деца под 6 години, односно како што е наведено „...не постојат клинички студии за деца под шестгодишна возраст. Тоа значи дека тој воопшто не е тестиран за малите деца...“.
Имено, за споменатиот инсулин Lantus (insulin glargine) во Збирниот извештај за особините на лекот одобрен од Министерството за здравство на Република Македонија, е наведено: - Ефикасноста и безбедноста од употребата на Lantus е утврдена кај адолесценти и деца на возраст од 2 години и повеќе, потполно идентично како и кај другиот базален инсулински аналог што е наведен во текстот .
Повторно се обраќаме до јавноста за да предочиме колкава е штетата кога немедицински лица изнесуваат погрешни медицински факти во јавноста што може да доведе до несогледиви последици и загрозување на животот и здравјето на многу лица со дијабетес на инсулинска терапија во Република Македонија. Уште еднаш апелираме за воздржување од вакви нестручни и целосно погрешни настапи во јавноста.
Донацијата што се споменува во текстот е веќе потпишана од Министерот за здравство и во тек е нејзината реализација“, велат од Министерството.
Слично
