Министерството за труд тврди: СДСМ ги извртува фактите за придонесите за хонорарците
Со придонесите за хонорарите за авторски договор и договор за дело не се врши двојно оданочување на граѓаните, тврди ресорното Министерство за труд и социјална политика, во реакцијата на пресконференцијата на СДСМ.
Според ова Министерство, опозицијата ги искривува фактите.
„Законското решение не наметнува дополнително даночно оптеретување, туку овозможува социјално осигурување на граѓаните кои не остваруваат плата, а остваруваат приходи по основ на авторски договор или договор за дело. Со ова тие може да остварат право на пензија и здравствено осигурување за себе и членовите на семејството. За оние граѓани кои покрај платата остваруваат приходи од договор за дело или авторски договор, преку плаќањето на социјалните придонеси ќе им се овозможи повисок износ на пензија, дополнително ќе им се излезе во пресрет на оние кои до сега не можеле да остварат право на пензија. Во пензиска основа се сметаат и овие приходи“, велат од МТСП.
Притоа, се нагласува дека „во сите земји во Европа плаќањето на социјалните придонеси се врши по основ на договор за дело и авторски договор, а во голем број на држави се врши плаќање на придонеси за дополнителни приходи по други основи“.
Ресорното Министерство нагласува дека двојно оданочување нема кај персоналниот данок на доход, бидејќи тој и досега се плаќа и за приходи остварени од авторски договори и договори на дело.
Слично
