Министерството за информатичко општество го демантира ЗНМ
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) тврди дека не се вистинити наводите на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) дека измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои денеска беа на дневен ред во Собранието, биле подготвени без да се консултира новинарската фела.
Од Министерството велат дека се збунети затоа што на состаноците извршниот директор на ЗНМ нема забелешки, а потоа претседателот на ЗНМ излегува на прес-конференции изразувајќи спротивставување.
„Во однос на делот на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се предлага двете мнозински здруженија да имаат по еден претставник во Програмскиот совет на МРТ, на заеднички состанок беа консултирани највисоките одговорни лица на мнозинските новинарски здруженија, Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари, при што не беа дадени забелешки за предлогот од нивна страна. Оттука, прашуваме како е можно претставници на Здружението на новинарите на Македонија на редовните состаноци во министерството да изнесуваат едни ставови по однос на овие прашања, без притоа да имаат забелешки на заклучоците, а потоа на прес-конференции да даваат сосема спротивни изјави од она што е договорено на официјалните средби“, стои во реакцијата на МИОА.
На денешната пресконференција, претседателот на ЗНМ Насер Селмани обвини дека измените на Законот се прават зад грб на новинарите и оти најбројното новинарско здружение не било консултирано.
Слично
