Министерството за финансии размислува за задолжување со две еврообврзници на почетокот од следната година
Според неофицијални извориод министерството, двете еврообврзници ќе се издадат во рамки на првиот квартал од 2026, а засега останува непознато колкав ќе биде рокот за нивно враќање. Најверојатно едната ќе биде поскапа со подолг период на враќање.
Владата уште од септември планираше во јануари 2026 да издаде нова еврообврзница од околу 950 милиони евра – десетта по ред – за да обезбеди готовина за враќање на доспеаната еврообврзница од 700 милиони евра и уште околу 200 милиони евра стари обврски кон странство.
Претходно од Министерството за финансии беше кажано дека ќе се прави комбинација помеѓу странското и домашното задолжување од банките во земјава за да с еобезбедта вкупно 1,3 милијарди евра.
- Од таа причина, финансирањето е предвидено да оди со евро обврзница од 950 милиони евра. Можеби тој износ ќе се зголеми затоа што се предвидени уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар, рече тогаш министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која го презентираше Предлог буџетот за 2026 година.
Порача дека зголемувањето на јавниот долг ќе биде во суштина износот на дефицитот, 39 милијарди денари и ништо повеќе од тоа.
Македонија досега има издадено девет еврообврзници. Првата беше во 2005 година
Во 2020, 2021 и 2023 година државата издаде уште три еврообврзници во вкупен износ од 2 милијарди евра. Во наредните години достасуваат за отплата токму овие последни задолжувања, чиј вкупен износ е околу 1,9 милијарди евра.
Иако Владата тврди дека новото задолжување е неопходно за да се обезбеди навремена отплата на постојните долгови и стабилност на буџетот, дел од економските аналитичари предупредуваат дека оваа пракса создава поголем фискален притисок. Според нив, ефектите од претходните задолжувања врз реалниот сектор се сѐ уште нејасни, а земјата продолжува да влегува во нови долгови.
А.К.