Министерството за економија одговори на европските забелешки за либерализацијата: „Ги штитиме граѓаните!“
Министерството за економија вчера со допис одговорило на Европската енергетска заедница, која ја критикуваше Македонија заради одлагањето на целосната либерализација на пазарот на електрична енергија.
Министерот Беким Незири во писмото нагласил оти одлуката била донесена за да се заштитат граѓаните од енормно поскпаување на струјата.
„Јас цврсто убеден стојам дека одлуката што е иницирана од наша страна и Владата е таа што требаше да биде донесена. Ако одевме со либерализација на енергетскиот пазар тоа ќе значеше дека граѓаните од 01.01.2015 ќе плаќаат повисока струја од 17%“, вели Незири.
ЕЕЗ минатата недела, исто така по писмен пат, се спротивстави на владината одлука за одложување на либерализацијата донесена во последен момент.
„Објаснувањето за заштита на потрошувачите од страна на македонската Влада, која се обидува да ја оправда оваа јасна мерка за поддршка на монополска позиција, е целосно погрешно. Има начини да се заштитат домаќинствата и малите потрошувачи од драматично зголемување на цените, кои се многу помалку штетни за пазарот и посоодветни на правилата на Европската енергетска заедница“, посочи директорот на Секретаријатот на ЕЕЗ Јанез Копач.
Тој сугерира дека регулаторното тело, на пример, може да продолжи, колку што е потребно, да ги регулира цените без да ги оневозможува корисниците да го искористат своето право да изберат снабдувач. Заштита на потрошувачите, според Копач, може да се обезбеди и преку поддршка на социјално ранливите потрошувачи.
„Ако овој предлог-закон се усвои, Секретаријатот на Енергетската заедница ќе покрене постапка против Македонија за прекршување на процедурата веднаш штом ќе помине крајниот рок за целосна либерализација на пазарот на 1 јануари 2015 година. Шокиран сум од оваа одлука, затоа што ние воопшто не бевме информирани, и покрај партнерството кое го потпишавме со Министерството за економија и со Регулаторната комисија за енергетика во 2011 година. Објавата на одлуката беше направена на истиот ден кога Европската комисија го објави извештајот за напредокот за земјата-кандидат за членство во ЕУ. Верувам дека ова не е случајност. Ако овој предлог-закон се објавеше порано, верувам дека оценката во извештајот за Македонија во делот за енергетика ќе беше сосема поинаква“, остро реагираше Копач пред една недела.
директорот на Секретаријатот на ЕЕЗ Јанез Копач
Слично
