Министерството ги игнорира, средношколците не попуштаат! Врие и во охридската гимназија!
Расте незадоволството кај средношколците и нивните родители од сеуште како што велат, игнорантскиот однос на надлежните кон барањата на Средношколскиот пленум за средба со првите луѓе од Министерството за образование, пред кои би ги образложиле нивните аргументи за стопирање на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура. Дел од родителите велат дека врие во сите средни училишта во земјава и покрај силните притисоци на кои секојдневно се подложени нивните деца. Матурантите, кои според нив се најзасегнати од владините реформи, остануваат и најупорни против како што нагласуваат, лошите образовни реформи. Рајко Домазетоски од Охрид, кој е родител на матурант од охридската гимназија “ Св. Климент Охридски“, за Фактор вели дека целата оваа ситуација не му оди во прилог ниту на Министерството за образование , ниту на наставниците , а најмалку на родителите и на учениците како најзасегнати чинители во воспитно-образовниот процес. Тој како член на Советот на родители и на Училишниот Одбор вели дека средношколците водени од својот младешки ентузијазам, непоколебливост , позитивна и чиста мисла и енергија, наспроти родителска колебливост покажале дека не дозволуваат со нив да се експериментира и импровизира, ниту да се мосат ад-хок инстант решенија, реформи заради реформи и реформи по секоја цена.
Тоа се наши деца
Тој како родител, вели е разочаран од игнорантскиот однос на надлежните, кои според него немаат слух за проблемите во воспитно-образовниот процес на учениците и на родителите кои имале можност или потреба да “талкаат” по овие институции за остварување на своето уставно загарантирано право.
“Односот на поголемиот дел од вработените во секторот образование, со должна почит за некои кои навистина професионално си ја работат својата задача е сведен на игнорантски однос, ароганција , чувство на супериорност, чувство дека ние постоиме за нив и заради нив и секако неизбежните дневно-политички калкулации, од тие причини не ми е јасно за која цел постојат телефонските броеви кои почнуваат со броевите 02 3 140 XXX воглавно одговорот за нас кој што не сме од Скопје се сведува во стилот : “ Лицето кое што го барате е на состанок јавете се подоцна“. За да не бидам погрешно разбран ниту протолкуван, овие случувања не се од вчера ваквиот однос на институциите на власта спрема граѓаните се гради веќе две децении, меѓутоа во последниве неколку години доживеа кулминација”-нагласува Рајко Домазетоски од Охрид.
Средношколците кои втора недела ја бојкотираат наставата, според него се “наши” деца кои ги бараат своите права и имаат сериозна аргументација и анализа за образовните проблеми. Тој како загрижен родител вели дека учениците не треба сами да ја бијат битката за подобро образование, туку треба да имаат подршка од родителите и наставниците кои ќе им помогнат низ еден институционален пат да дојдат до конкретни и сериозни решенија на проблемите. Домазетоски објаснува дека според Законот за средно образование “Дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба” и затоа оваа законска одредба и постои - да се спречи самоволието и одредени фрустрации на одредени поединци од “ стручните “ служби во државните институции, кои според него, по секоја цена да вршат импровизации со сите чинители во воспитно-образовниот процес.
“Овие кои што бараат свои права се нашите , вашите, децата од нашите роднини, соседи , пријатели кои што се чисти, неизвалкани, слободоумникои што мирно на достоинствен и само на нивен својствен начин го искажуваат својот револт кон институциите на . Тие независно што најголемиот дел од нив се малолетни, ни покажаа на нас повозрасните како се бори секој од нив за своето право, Кои се оние другите- тоа се“ стручните “ служби од Министерството за образование , Државниот испитен центар и Бирото за образование, кои што согласно законските одредби и актите за нивно основање се во служба на основните чинители во образовниот процес, а тоа се учениците, наставниците и родителите. Кога велам сите чинители тука не мислам дека импровизации се вршат само врз учениците , туку секако и врз наставниот кадар подеднакво и соодветно, спрема потребите и дневно-политичките калкулации”- потенцира охриѓанецот Домазетоски.
Конфузија кај образовните власти
Актуелниот Закон за средно образование од месец септември 1995 година до сега има претрпено околу триесет измени и надополнувања, што според родителите и дел од експертската јавност се клучните проблеми за носење на избрзани решенија и реформи кои покрај незадоволство предизвикале и конфузија кај учениците и наставниот кадар. Според Рајко Домазетоски поводот кој го поттикнал незадоволството кај средношколците е екстерното тестирање и новиот концепт на државна матура.
“Пред две години во училиштето имаше 19 ученици кој на едниот предмет од екстерното имаа оцена петка, на вториот предмет оцена единица, а имавме и двајца ученици кои што од предметните наставници беа упатени на полагање, а на екстерното добија по истиот предмет одличен 5. Имавме свидетелства со оцена единица што е преседан во воспитно-образовниот процес во светот. Од тие причини од моја страна во август 2013-та е покрената иницијатива до Уставен суд но до сега Уставниот суд не нашол за сходно да се произнесе. Последните инстант измени во концепцијата на полагање на Државната матураод 09.02.2015 и од 03.04.2015 предложени или подобро речено наметнати од страна на Државниот испитен центар без апсолутно никаква консултација на сите релевантни фактори во методологијата на нивната изработка што резултира со едни апсолутно дискриминирачки измени во концепцијата на Државната матура спрема одредена категорија на ученици.
Прво со концептот на воведување на математиката како задолжителен предмет од Државната матура и потоа со последните измени за нејзино бришење за одредена категорија на ученици но во случајов и воведување на нова група на предмети, како и полагање на Државната матура и полагање на еден предмет во неколку фази , што дефинитивно доведе до конфузија кај сите инволвирани страни вклучувајќи го тука и Државниот испитен центар. Убеден сум дека не само што тие предизвикаа конфузија туку и кај нив владее истата” – објаснува Рајко Домазетоски.
Во охридската гимназија новото известување за државната матура во учебната 2014/2015 година стигнало пред десетина дена и на класен час е побарано од учениците да пополнат нова пријава без да им се остави време за размислување и консултација. Домазетоски раскажува дека оттогаш се позасилени се и притисоците врз учениците и нивните родители.
Охридската генерација шампиони
“Директорот на Училиштето и пом. Директорот која се јавува и во улога на кл. раководител на паралелка од четврта година , со обид да се вметне во преговорите и некоја непостоечка унија на средношколци при што Директорот Звонко Трпески се обидува да влијае на учениците да се вратат на настава , бидејќи непотребно се губат часови , обидувајќи се да наметне став дека учениците се изманипулирани. Во еден од локалните медиуми прочитав дека со бојкотот на наставата се нарушува угледот на училиштето. и т. н. Наредниот ден на бојкотот се приклучија и учениците од првата смена т. е. од прва и втора година. Заради измени во концептот за Државна матура потребно е повторно пријавување за полагање на државната матура, а во изјавата стоеше дека согласно кратките рокови кои ги утврди Државниот испитен центар, пријавите треба да се пополнат на класен час и веднаш да се предадат на помошник директорот. Доколку некој ученик е отсутен да се контактира телефонски за да се пополни неговата пријава. Делот од пријавата за проектна задача не мора да се пополнува”- објаснува родителот.
Ова според него е само еден од начините да се влијае врз учениците кои оттогаш се уште посамоуверени и посигурни во своите барања и ставови. Охридската генерација на матуранти според Домазетоски ќе се памети по неколку државни прваци по математика , англиски јазик, германски јазик, носители на меѓународни награди. Тоа се потенцира, талентирани ученици - стипендисти на министерство за образование и наука, бројни талентирани атлетичари, кајакари пливачи- талентирана генерација која што според него дословно го чува и презентира Св. Климентовиот завет оставен пред многу поколенија. Генерација која што, вели тој, поставила тешко достапни високи стандарди, генерација која на еден себе си препознатлив начин чекорела низ улиците на Охрид - чекорејќи ги своите последни средношколски денови, но не како матуранти туку овој пат во знак на протест , во знак на револт и обезбедување на посветла иднина за себе и идните генерации.
С.Б.
Слично
