Министерство за здравство до клиниките – не барајте депозити, хипотеки, ниту меници заверени на нотар за специјализации
Јавните здравствени установи да не бараат депозити или хипотеки на специјализантите кои склучуваат договори за специјализација, порачува Министерството за здравство. По сторијата на Фактор во која специјализанти од внатрешноста објавија дека се соочуваат со барања за потпишување на меница со вредност од сто илјади евра доколку сакаат да специјализираат на клиниките, Министерството за здравство прати препораки и појаснувања до Јавните здравствени установи.
„Согласно одредбите на Законот за здравствена заштита, како форма на обезбедување, препорачуваме единствено меница без жиранти. Ваквата меница чини приближно 500 денари и не претставува никаков посебен трошок во моментот на потпишување на договорот“ - се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Од министерството додаваат дека во моментот на потпишување на меницата не е потребно да се обезбеди движен или недвижен имот во висина на десеткратен износ на цената на специјализацијата.
„Одлучно препорачуваме да не се бара депозит или хипотека како обезбедување, ниту пак, меница во форма на нотарски акт, бидејќи овие инструменти за обезбедување носат дополнителен трошок за докторите. Вакво обезбедување не треба да бара ниту една ЈЗУ. На овој начин се обезбедува соодветна финансиска заштита за државата, односно се гарантира дека македонските граѓани во иднина ќе можат да добијат високостручна медицинска услуга во јавните здравствени установи Сите други барања за гаранции и други форми на обезбедувања се предмет на недоразбирање“ - се вели во соопштението на Министерството за здравство
Фактор претходно ја објави сторијата на група лекари од Прилеп и Битола, кои одбиле да ги потпишат договорите за специјализации на скопските клиники, бидејќи им било побарано да потпишат меница од сто илјади евра, која би се активирала доколку во рок од десет години го напуштат работното место по нивна вина. Лекарите прашаа, како ќе ги обезбедат овие пари, дали треба да ги заложат куќите и становите за да ја платата отшетата. Целата забуна со новите забуни настана поради погрешната интерпретација на законот за здравствена заштита во делот на специјализацијата од страна на одредени клиники. Сега по објаснувањето на Министерството за здравство процесот на специјализации би требало непречено да продолжи. Според податоците на министерството во 2012 година се доделени 486 специјализаци, а во 2013 се доделуваат над 340 специјализации и 37 субспецијализации.
Р.Ф.
Слично
