Министерство за финансии: спортистите да бидат мирни, ќе има даночни ослободувања за донации во спорт!
Освен даночно ослободување за донации во спорт Министерството подготвува и дополнителни модалитети за поддршка на развојот на спортот
Спортистите и спортските клубови може да бидат мирни затоа што и покрај укинувањето на ваучерскиот систем ќе остане можноста за финансирање на спортот преку даночни ослободувања за донации на спортски клубови. Ова е одговорот што „Фактор“ го доби од Министерството за финансии кој го пренесуваме во целост:
„Ве информираме дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кој што е во собраниска процедура, продолжува поддршката на развојот на спортот со ослободување од данок на добивка на донациите во спортот преку намалување на даночната основа, со што се изедначува третманот на дадените донации во спортот со донациите во другите области.
Дополнително, Владата ќе разгледа дополнителни модалитети за понатамошна поддршка на развојот на спортот.“
Економистите се единствени во ставот дека е добро тоа што има континуитет во даночните олеснувања за фирмите кои ќе донираат на спортисти односно на спортски клубови. Но исто така истакнуваат дека во периодот што следи во кој се поизгледна е рецесијата заради негативните инфлаторни влијанија и бројните глобални и континентални неизвесности нашите фирми ќе се соочат со потешкотии во работата и тоа сигурно ќе влијае врз добивките. Затоа уште поважно е Владата да понуди и други опции за стимулирање на спортистите.
„Фактор“ побара од Министерството за финансии информација за тоа кои се дополнителните модалитети за идна поддршка за развој на спортот и доколку добиеме конкретни предлози ќе ги објавиме во целост.
Како што веќе пишувавме ваучерскиот модел, што сега оди во пензија, обезбедуваше можност за домашните спортски клубови да обезбедат повеќе од 3,5 милиони евра пари од даночни олеснувања за компаниите кои работеле со добивка.
Р.Ф.