Министерство за финансии се пофали со нова веб страна за поголема транспарентност
Министерството за финансии презентираше нов дизајн на официјалната веб страна која сега ќе понуди поголема прегледност и ќе се обезбеди транспарентност со пристап до поголем број на информации.
Додаден е посебен оддел „Статистика“, во кој се лесно достапни сите поважни информации како што се: извршувањето на Буџетот, јавниот долг и долгот на државата, макроекономски индикатори и статистички прилог.
Најважна промена е тоа што се започнува со објавување податоци кои досега не биле достапни за јавноста. Прв таков податок е Извештајот за месечните приходи и расходи на различни буџетски корисници. Со него јавноста секој месец ќе има увид во состојбата кај сите поодделни буџетски корисници.
За олеснување на научноистражувачката работа на експертската јавност и новинарите, важно е да се напомене дека сите податоци отсега ќе бидат објавувани во отворен ексел формат, наместо во пдф.
