Министерство за енергетика: 15.000 приговори за сметките за струја
Министерството за енергетика, рударство и минерали информира дека до ЕВН Хоум пристигнале 15.000 приговори по добиените сметки за периодот 24 декември - 25 јануари, но дека бројот на поплаки упатени до универзалниот снабдувачл е помал за 20 отсто во споредба со истиот период една година претходно.
„Од 820 илјади броила во Македонија, во ЕВН Хоум, во периодот декември 24 / јануари 25, пристигнале 15 000 приговори, но како што информираат од таму, само мал број од овие пријави (15%) се ревидирани според новопрочитана состојба, за останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. Колку за споредба од ЕВН Хоум информираат дека бројот на пристигнати поплаки во овој период е за 20% помал отколку во периодот декември 23 / јануари 24.
До второстепениот орган РКЕ пак до 28.02.2025 пристигнати се 345 приговори. Министерството и РКЕ непрекинато ги следат сите постапки и инсистираат на целосна транспарентност од страна на сите инволвирани страни“, информираат од министерството.
Во анализите направени од РКЕ, констатирано е дека дел од потрошувачите се нашле во повисоки тарифни блокови поради методологијата на пресметка.
„Универзалниот снабдувач има обврска да направи ревизија на ваквите случаи и, доколку е потребно, да изврши корекција“, укажуваат од таму.
Од таму додаваат дека, како дополнителна мерка, во тек се активности за активирање на современа апаратура за проверка на броилата во Бирото за метрологија со што ќе се овозможи дополнителна независна верификација и проверка на броилата, по жалба на потрошувачите, во државна институција. Ова ќе придонесе за дополнителна транспарентност, правичност и контрола.
„Министерството за енергетика и рударство останува посветено на заштитата на граѓаните во енергетскиот сектор. Во таа насока, ќе продолжи со иницијативи за поголема транспарентност, вклучително и дополнителни едукативни кампањи за потрошувачите. Граѓаните ќе бидат редовно информирани за сите можности за проверка и корекција на нивните сметки, како и за механизмите што им стојат на располагање“, велат од министерството.
