Економија, финансии, бизнис

Контакт

Министерот за финасии смета дека СДСМ треба да го поддржи буџетот во целина

Министерот за финасии смета дека СДСМ треба да го поддржи буџетот во целина
Штета би било ако опозицијата не го поддржи буџетот во целина заедно со заемите од Светска банка бидејќи тие се дел од финасирањето на буџетот. На тој начин не само што ќе и нанесе штета на Владата ќе и нанесат голема штета и на земјава бидејќи 84 милиони  евра ќе платиме за повисока камата доколку користиме средства од пазарот на капитал во Европа, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Верувам, потенцира, дека опозицијата уште еднаш ќе ги разгледа аргументите зошто идните генерации да плаќаат 84 милиони евра е непотребно, доколку заеднички можеме да и ги заштедеме на државата и да ги искористиме за друга подобра намена. - Ситуацијата е сериозна. Буџетот  е најважниот документ за државата и за функционирањето на  јавниот сектор. Досега од расправата на Комисијата за финансирање и буџет нема простор за голем оптимизам, бидејќи евидентна беше намерата преку долги дискусии да се закочи донесувањето на буџетот и финансирањето со проектите од Светска банка. Сметам дека треба да се има одговорност и апелирам до СДСМ и до опозицијата  да смогнат сили и да на го кочат буџетот и да дозволат да се води здрава дебата без одолговлекување на дискусиите со цел буџетот да се донесе до крајот на годинава, рече Ставрески. Тоа, како што кажа, е значајно прашање за Република Македонија, за финансирањето на сите категории на пензионери, социјалци, земјоделци, полицијата, војската и се друго што се финасира од буџетот, како и за стуктурните проекти. - Мора во оваа ситуација да покажеме заедничка одговорност, како и да обезбедиме  средства за финансирање на буџетот во време кога Европа е во криза, а Македонија длабоко ги чувствува последиците. Успеавме со Светска банка да обезбедиме поддршка за задолжување по многу ниска камата. Следната година отплаќаме исто толку обврски колку што се овие кредити. Опозицијата треба сериозно да ги погледне аргументите, да се однесува на одговорен начин и да овозможи заеднички да го донесеме буџетот до крајот на годинава, потенцира Ставрески. Посочи дека претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вложува напори да се изнајде решение за забрзување на активностите на Комисијата. Тој, додаде, согласно Деловникот, има ингеренции да постапи на соодветен начин со цел да овозможи ефикасна работа на Собранието. Доколку не се донесе буџетот до крајот на годинава, нагласи, настапува времено финансирање, што е исклучителна и инцидентна ситуација за која не би било добро да се случи. - Тоа е лош сигнал за инвеститорите и затоа апелирам до СДСМ и целата опозиција да не дозволат да не се донесе буџетот, рече Ставрески.
Слично

Поврзани вести